Македонија
16. May 2016 - 9:56

Почина истакнатиот општественик и пратеник на Македонија

На 13 мај 2016 година, во осумдесет и осмата година од животот почина истакнатиот општественик и долгогодишен носител на повеќе општествено-политички функции Драгољуб Николовски – Ганди (1928 – 2016).

Ганди беше долгогодишен пратеник во Собранието на Македонија,  секретар на Околискиот комитет на СКМ - Велес, претседател на Одборот за просветно-културни прашања на Републичкиот собор во Собранието на Македонија, претседател на Одборот за општествено-политички систем во Собранието, член на повеќе републички и сојузни комисии, организации и тела.

Тој имаше особено значајна улога како секретар на Републичката заедница за образование и секретар на Републичката заедница за научни дејности, при што даде нескромен, голем придонес за развојот на образованието и науката во Македонија.

Драгољуб Николовски – Ганди беше дипломиран историчар на Филозофскиот факулет во Скопје, професор по историја, а во текот на неговиот животен век беше и директор на основно училиште и на гимназија во Велес.

Добитник е на повеќе општествени признанија и признанија од институции. Добитник е на многу ордени меѓу коишто е и „Орден на Републиката со бронзен венец“ и медали за работа и за храброст.

Ганди ќе биде запаметен како исклучително значајна личност за развојот на образовно-научната дејност во Македонија. Неговата мисија и влогот во оваа дејност е од исклучително важно значење. Посебен приденес има за развојот на археолошкиот локалитет Стоби и во поддршка за проекти од образованието, науката и културата, како и поддршка на странски стипендии и проекти во Македонија.Накратко, во македонската современа историја, тој ќе остане забележан како една од личностите-темелници на образовно-научната дејност во Македонија во текот на втората половина на 20 век.

 

Последна почит ќе му биде оддадена утре – 17 мај 2016 (вторник), со почеток во 10.30 часот, во капелата на Градските гробишта Бутел, а погребот ќе биде извршен во 11.00 часот.