Македонија
6. March 2019 - 17:09

Почина девојче од сепса на Детската клиника во Скопје

Двеиполгодишно дете од Скопје почина на Клиниката за детски болести. Директорката на установата вели дека сепса најверојатно е причината за смртта. Девојчето немало хронични заболувања, една недела од матичниот било лекувано од респираторна инфекција - пневмонија со антибиотик. Во многу тешка состојба во понеделникот попладне го донеле на Детска.

- Примено е на Оддел за интензивна нега, поставено на респиратор, но и покрај сите преземени тераписки процедури после престој од 12 часа детето почина, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.

Од Клиниката ги негираат информациите дека детето починало од компликации од грип или морбили.

-Немаме информација дека детето боледувало од морбили или дека било болно од грип, станува збор за бактериска инфекција која за жал е со многу висока смртност, додаде д-р Ставриќ.

И покрај напорите на лекарите да го спасат,  двеиполгодишното дете поради сериозното труење во крвта предизвикано од бактерија починало 12 часа по приемот на Клиниката за детски болести.