Македонија
6. April 2021 - 14:01

Почина 63-годишникот кој екипа на Итната медицинска помош пет часа на раце го носеше по тежок планински терен

Почина  63-годишниот пациент кој екипа на итната медицинска помош пет часа пеш го носеше по тежок планински терен. Оваа информација за Сител ја потврдуваат од штипската болница.

Портпаролката на болницата, Марина Шуманска вели дека причините за смртта се мозочното крварење и хипотермијата.

-Пациентот неколку дена лежеше на хируршкото одделение, беше во коматозна состојба и за жал сабајалето во 7 часот почина како последица на мозочното крварење и премрзнатоста. Тука му се направени сите испитувања и следувања. Направена е компјутерска томографија каде што е констатирано мозочното крварење, по изјавата на неврохирургот, без можност хируршки да се интервенира. Така пациентот беше задржан неколку дена на хируршкото одделение, како што ви кажав, бил во коматозна состојба, стабилен неколку дена, но критичен за сабајлето да подлегне сите тие повреди кои што ги имал, вели Шуманска за Сител.

Центарот за управување со кризи формираше Комисија која треба да утврди дали имало пропусти во работењето на неговите вработени или другите надлежни институции. Д-р Павле Зафиров кој за случајот објави на Фејсбук, рече дека помош била побарана и од Противпожарната единица, општина Кратово, ЦУК, но не ја добиле.

Градоначалникот на општина Кратово Љупчо Бојаџиев вчера во изјава за Сител рече дека можело да се испрати трактор за да помогне, но тоа не било сторено бидејќи немало логика оти ќе се загубело драгоцено време. 

Претседателот Стево Пендаровски, пак, одговарајќи на новинарско прашање рече дека Армијата воопшто не била информирана за случајот, а доколку биле запознаени веднаш ќе испрателе хеликоптер и специјална единица обучена за планинско спасување.

 

Даниел Василев