Македонија
2. November 2016 - 8:40

Почеток на 17. Есенски музички свечености со гала оперски концерт за Томислав Шопов

Со гала оперски концерт во Македонската опера и балет посветен на јубилејните 50 години уметничка дејност на диригентот Томислав Шопов, вечер ќе бидат отворени годинашните 17-ти Есенски музички свечености.

Како што информираше организаторот - Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, Шопов диригирал над илјада оперски и балетски претстави, симфониски и гала оперски концерти во и надвор од земјата и се смета дека има огромен придонес во афирмацијата на аматерските, пред се, на хорските ансамбли.

Покрај солистите, оркестарот и хорот при МОБ, на гала концертот ќе настапат и академскиот хор „Мирче Ацев“, Камерниот хор „Франце Прешерн“ и камерниот хор „Моис Хасон“ при Еврејската заедница во Република Македонија. 

Есенските музички свечености ќе траат до 30 ноември на локации во салонот на МОБ, во Домот на АРМ, Музејот на Град Скопје и на Факултетот за музичка уметност. Манифестацијата годинава ќе понуди богата и разновидна програма со класична музика, џез се до фолклорни звуци во изведба на еминентни домашни уметници и гости од странство. 

Меѓународно реномираната Карсу Донмез, вокалистка и пијанистка од Холандија со турско потекло ќе настапи на 4 ноември во Домот на АРМ. Донмез се смета за една од 10-те највлијателни турски имиња во последните 50 години. Нејзината музика го отсликува нејзиното мултикултурно потекло и е мешавина од различни жанрови - џез, фанк, блуз и реге. Настапувала на некои од најзначајните музички сцени во светот, а оваа година е добитник на една од најпрестижните музички награди - Едисон џез/свет во Холандија. Донмаз, чиј настап во Скопје е овозможен од Турскиот културен центар „Јунус Емре“, ќе одржи концерт и во Битола. 

Џез триото на Артур Дуткиевич од Полска  ќе одржи концерт на 12 ноември во Домот на АРМ. Се смета за едно од водечките џез групи во Полска, а Артур Дуткиевич за еден од најголемите полски џез пијанисти и композитори. Триото исполнува модерен џез и има богата концертна активност низ Европа, во САД, Азија, до Австралија и Нов Зелан. Настапувале на бројни џез и музички фестивали, а концертот во Скопје е овозможен во соработка со Амбасадата на Полска во Македонија.

На 14 ноември ќе се одржи концерт по повод 135 години од раѓањето на унгарскиот композитор Бела Барток на кој негови дела ќе бидат изведени од македонски пијанисти. Настапот е поддржан од Амбасадата на Унгарија, која во чест на годишнината на Барток ќе приреди и изложба за композиторот, а ќе додели и ЦД-а и партитури со негови композиции на релевантни институции. 

Програмата на 17. Есенски музички свечености содржи уште неколку концерти и изведби со кои ќе одбележат значајни јубилеи. На 22 ноември ќе се одржи концерт во чест на Георги Божиков (1931-1986) по повод 30 години од смртта на овој истакнат солист, првенец на Македонската опера. Концертот е дел од програмата на Собранието на РМ за одбележување значајни настани и личности, а ќе биде придружен со изложба за Божиков и промоција на монографија насловена „Жоро“ од Снежана Анастасова-Чадиковска. 

Публиката ќе има можност на 25 ноември да ја проследи и светската премиера на балетската претстава „Клеопатра“, која се најавува како спектакл, а со која примабалерината на Македонскиот балет Александра Мијалкова ќе означи 25 години уметничка дејност. 

Во чест на бардовите на македонската изворна песна - Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски и Кочо Петровски, ансамблот за народни игри и песни „Танец“ ќе одржи концерт на 11 ноември во Македонскиот народен театар. Пред публиката ќе биде презентирана и книга од Роска Бадева посветена на овие легенди на македонската песна.

Есенските музички свечности ќе бидат затворени на 30 ноември со концертот насловен „Мојот музички пат“ посветен на 30-годишнината од уметничката дејност на флејтистот Страшо Темков.

Програмата за 17. Есенски музички свечености е поддржана од Градот Скопје и Министерството за култура. Билетите за концертите се со цена до 300 денари, а сите настапи ќе почнуваат во 20 часот.