Македонија
21. August 2015 - 14:01

Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилно отсуство

Навремена и ефикасна исплата на надоместоци за плата на осигурениците за време на боледување, поради болест, повреда или нега и породилно отсуство, овозможува новото софтверско решение на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) кое денеска на прес-конференција го промовираа директорите на Фондот, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани.

- Проектот „Побрза исплата на надоместоци за боледувања и породилни отсуства“ е дел од програмата на Владата и е во надлежност на Фондот. Го промовираме новото софтверско решение со кое комплетно ја дигитализираме работата во делот на исплатата на боледувањата и породилните отсуства, процес кој ни овозможува ефикасна и прецизна обработка на податоците и што е најважно, побрза исплата на средствата по овој основ за нашите осигуреници, истакна Стефаноски.

Ова, посочи тој, е уште еден проект со кој ги кратиме бирократските процедури, а директен бенефит од решението за побрза исплата на надоместоците имаат осигурениците, бидејќи системот нуди: автоматска контрола, автоматска пресметка на надоместокот на плата и поврзаност со сите потребни надлежни институции за брза размена на податоци, електронско испраќање на известување на евентуално потребна корекција до фирмите.

- Процесот ќе се одвива на следниот начин: По поднесување на барањето за надоместок, почнува целосно автоматизирана постапка во ФЗОМ за пресметката на боледувањето или породилното отсуство. Софтверот е синхронизиран врз база на исплатените плати од системот на УЈП. Системот автоматски носи решенија со висина и времетраење на исплата на надоместокот, наменет за осигуреникот и во ист момент генерира и налог за исплата. Вака, интерно кратиме административни постапки кои бараа дополнително време. Во овој процес нема човечки фактор што резултира со исклучување на грешки, рече Стефаноски.

Потенцира дека за разлика од минатото кога рачно се правеше контрола секој месец, новиот систем автоматски прави контрола само за почетниот период, односно за месецот кога осигуреникот го отвора боледувањето или породилното отсуство. Со ова, нагласи, дополнително се убрзува процесот за исплата на боледувањата и породилните. Доколку се појави каков било проблем за исплата, системот веднаш праќа нотификација со образложение на проблемот, по меил, до работодавачот, за да ги направи потребните корекции, што во минатото беше обврска на вработените во Фондот кои се соочуваа со потешкотии во објаснувања со работодавачот.

- Новиот софтвер на ФЗОМ овозможува: брзо изготвување предмети, автоматска контрола и пресметка на надоместок од страна на ФЗОМ, осигурениците кои се на породилно отсуство ќе ги добиваат средствата во ист месец кога вработените земаат плата, исплатата на породилното отсуство не зависи од исплатата на плата од страна на работодавецот, побрзо изготвување пресметка на надоместок на плата поради поврзаноста со УЈП и АВРМ, породилните отсуства Фондот ги исплаќа и доколку завршил времениот договор на породилката и автоматска нотификација за корекција што фирмите треба да ја направат за да се исплати боледувањето, додаде Стефаноски.

Рамадани рече дека по воведените законски измени и новото софтверско решение, во јули се исплатени 97 отсто од породилните отсуства, а останатите 3 отсто кои не се исплатени се должат пред се на грешки кои не зависат од Фондот, туку е потребно работодавачот да интервенира за што сега системот автоматски ги извести. 

Потенцира дека во 2012 година за 17.040 породилни се испратени 354,345,895 денари, а годинава за 19.209 породилни исплатени се 458,688,650 денари, а за 2015 година, имаат обезбедено 2 милијарди и 354 милиони денари, што изнесува речиси 10 отсто од вкупниот буџет на Фондот.

Укажа на најчести грешки од страна на фирмите при поднесување на барања за надоместоци, а за кои отсега ФЗОМ ќе ги известува по електронска пошта меѓу кои се: 1. Погрешна уплата на часови, 2. Кога осигуреникот е на боледување на товар на Фондот, фирмата не треба да исплаќа плата за тоа лице и 3. Матичниот лекар го греши крајниот датум на породилното отсуство при внесување на податоците во ИСР образецот.

- За да се отвори боледувањето потребно е фирмата да има направена точна уплата на придонеси. Тоа подразбира да се дефинираат точно колку часа лицето е на терет на работодавец и точно колку часа е на товар на Фондот. Сега Фондот автоматски врши нотификација за потребната корекција (103-ка) во УЈП. Вака значително е скратен периодот на взаемна комуникација и сега корекцијата од УЈП пристигнува и се обработува за 3 работни дена, рече Рамадани.

Во врска со тоа кога осигуреникот е на боледување на товар на Фондот, и дека фирмата не треба да исплаќа плата за тоа лице, истакна дека за тој период Фондот е надлежен орган за исплата на надоместок по основ на плата и придонеси, а фирмата не треба да исплаќа плата.

- Трета причина е кога матичниот лекар го греши крајниот датум на породилното отсуство при внесување на податоците во ИСР образецот (извештај за спреченост на работа). Системот автоматски пресметува 270/450 дена ( во зависност дали е еднородено или близнаци и повеќе деца). Доколку избраниот лекар не го пресметал точниот краен датум, тогаш образецот се смета за невалиден и потребно е да се корегира од матичниот лекар, додаде Рамадани.