Свет
22. October 2017 - 9:30

Победникот на изборите во Чешка ќе бара сојузници во Австрија, вишеградските земји и на Балканот

Во својата прва изјава по убедливата победа на парламентарните избори во Чешка, милијардерот Андреј Бабиш најави дека ќе бара политички сојуз со другите земји од Вишеградската група, како Унгарија и Полска, со новата Влада на Австрија и со балканските земји. Партијата на Бабиш, АНО, победи на вчерашните избори на платформа на намалување на миграцијата во Европа, намалување на даноците и борба против корупцијата.

- Секако дека имаме сојузник во Австрија, во господинот Курц, со кого делиме исти ставови во областа на миграцијата. Можеме да најдеме сојузници во Вишеградската група, во Австрија, во други земји на Балканот, во Словенија, Хрватска, изјави Бабиш.

Неговата партија освои 29,6 проценти на изборите, декласирајќи ја социјал-демократската партија ЧССД со која до скоро беа во коалиција. Бабиш, сепак, изјави дека има про-европски ставови и дека сака Чешка да има активна улога и во Европската Унија.

Според изборните резултати, АНО ќе има 78 од 200 места во чешкиот Парламент и ќе се обиде да формира коаилција. Социјал-демократите веќе најавија дека ќе одат во опозиција и нема да се обидат да ја продолжат досегашната коалиција со Бабиш.