Македонија
21. October 2018 - 22:03

Победник на „Eндуро Велес 2018“ Драган Ванов од МК „Мото Велес“, кој го освои и ендуро шампионатот на Македонија за 2018

Во денешната ендуро трка „Ендуро Велес 2018“ што се одржа на теренот над велешкото езеро „Младост“ на стариот пат од Велес за Скопје,првото место во Е 1 kласата го освои Драган Ванов член на Мото Клубот „Мото – Велес.“

По нерамен терен над Велешко Езеро на силен ветер денеска учесниците возеа 11 километри, а еден круг за 30 минути и на целта требаа да стигнат најдоцна за еден час.

Со денешнот возење на оваа четвртта трка од Државниот шампионат на Македонија во ендуро, Драган Ванов  од МК „Мото –Велес“ воедно го освои годинашниот шампионат на Македонија  и стана носител на највисоката- шампионската титула ендуро шампион на Македонија за 2018.

Во изјавата за МИА, 24-годишниот млад мотоциклист велешанецот Ванов на кого љубовта кон моторите му е од мали нозе, семејно наследена по татко и дедо, кажа дека е пресреќен што по вторпат го освојува шампионатот во ендуро на Македонија.

– Патеката беше многу тешка ние како домаќини од МК „Мото-Велес“ ја правевме откако претходно ја исчистивме од градежен шут и високи суви треви. На патеката се соочивме со проблеми, но сепак успеавме да ги надминеме.Јас секојдневно напорно тренирав и тоа вроди со резултат, бев прв на сите годинашни ендуро четири трки и еве денеска повторно сум среќен што по вторпат сум ендуро шампион на Македонија. Во моите идни планови ако повторно соберам средства планирам во 2019 година да продлжам и со ендуро трките на Источноевропскиот шампионат во повисоката класа од 24 година нагоре и сум со голема желба да го освојам овојпат највисокото прво место, најави Ванов.

Ванов првпат го освои шампионатот во ендуро на Македонија во 2012, а во 2013 година беше втор.

Годинава по  пауза од четири годининава повторно се одржа Државен шампионат во ендуро на Македонија.

Денеска во трката  „Ендуро Велес 2018“   во истата Е1 класа втор беше неговиот колега од МК „Мото-Велес“ Виктор Караколев, а трет Стефан Ристовски од истиот клуб.

Во Е 2 класата прв беше Михаил Бајовски од МК „Хамачи Екстрем“ од Штип, втор Синиша Николоски од МК „Пелистер“ од Битола, а трет Иван Чевковски од МК „Ноќни волци“ од Битола.

Во Е 3 класата прв беше Александар Давчевски од МК „Мото– Велес“ втор Владимир Димов од „Ендуро Водно Тим“ а и третото место го освои неговиот клубски колега Томислав Трајковски.

Кај јуниорите прв беше Алберто Видески од МК „Ноќни волци“од Битола  а кај ветераните  Борис Костов  од МК „Ноќни волци“ од Битола.

Едуро трката ја спонзорира Општина Велес, а на истата учествуваа 50 тина ендуро возачи од Мото Клубови од Скопје, Штип, Тетово, Битола, Велес како и гости натпреварувачи од Косово.

Како што најави Сашко Ванов од МК „Мото-Велес“, како организатори за догодина планираат да има уште повеќе натпреварувачи од земјава и од странство.