Бизнис
1. July 2020 - 20:16

По три месеци пауза скопскиот аеродром ги отвори вратите за патниците

По три месеци пауза скопскиот аеродром ги отвори вратите за патниците. Оние кои беа заглавени овде успеаја да заминат од земјава, други пак конечно се вратија дома.

Но патниците со македонски пасош се уште не можат да летаат.

На оние кои ги затекнавме на аеродромот им било соопштено  дека можат да патуваат  лицата  со европски пасош или со документ кој е доказ дека лицето подолго време работи или живее во европските држави.

Според протоколот за работа, патниците треба да се на аеродромот три часа пред летот.  За да влезат во зградата мора да носат заштитна маска. На самиот влез  ги дезинфицираат рацете, а потоа треба да поминат на термална камера која им мери температира. Роднините и пријателите  кои ги испраќаат и пречекуваат патниците не смеат да влезат во зградата.

Сомнителните лица веднаш се праќаат во соба за изолација. Чекалните се редуцирани и постојано се дезинфицираат. А во авионите се користат сите седишта и затоа патниците мора да носат маска во текот на целиот лет.

Изутрината први на скопскиот аеродром пристигнаа патниците од Истанбул, а заминаа тие за Стокхолм и Бремен.

Инаку на првиот работен ден ќе се реализираат 28 лета со 1.700 патници.