Македонија
25. August 2019 - 16:43

По три децении вода за пиење и во населбата Балканска во Штип

После 30 години, усилби и барања до локалните власти, конечно жителите од штипската приградска населба Балканска се приклучија на градската водоводна мрежа и ќе пијат чиста вода од филтер станицата.

Досега во чешмите по домаќинствата течеше само техничка вода, од бунарите на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“.

-Водата не беше добра, а сега би требало да биде во ред за пиење-изјава ЖИТЕЛ НА БАЛКАНСКА

-Досега пиевме индустриска вода, која беше многу нечиста и пред неколку години се појави болеста жолтица и имаше неколку луѓе што завршија во болница поради тоа што водата беше нечиста-изјави Садета Ибраимова, жител на Балканска.

Поради страв од ширење на заразни болести, години наназад граѓаните за пиење купуваа флаширана вода.

-Од мојата пензија што купував, што трошев за флаширана вода, сега веќе нема да купувам-додаде Ибраимова

За почеток на водоводниот систем ќе бидат приклучени 70 семејства со 200 жители, што е прва фаза од проектот и во која е инвестирано 300 000 евра општински средства.

-Инаку, околу 600 жители ќе добијат чиста и здрава вода за пиење-изјави Зоран Колев, претседател на УЗ „Балканска“.

Освен што добија чиста вода за пиење, жителите од населбата ќе плаќаат и поефтино, односно наместо досегашните 40 денари, за еден метар кубен потрошена вода цената ќе чини 32 денари, како и за сите останати кои се приклучени на градската водоводна мрежа.