Македонија
6. November 2019 - 16:51

По сторијата на Сител, семејството од Бељаковце ќе добие соодветна помош

Утринава домот на семејството Вукановски во селото Бељаковце го посетиле стручни лица од Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Куманово. По сторијата на Сител за тешкиот живот на 5-те малолетни деца службите бараат начин како да им помогнат.

-Стручните лица од Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Куманово веднаш по добиените сознанија од медиумите презедоа активности. Утринава посетен е домот на семејството во с. Бељаковце и родителот не е пронајден дома, но со него е стапено во контакт телефонски. Добиени се информации од страна на неговата мајка. Направена е првична опсервација и констатирано е дека тој воопшто се нема обратено во нашата институција, но секако следат наши активности за упатување и следење на семејството за истото да биде ставено во системот на социјална заштита и нормално доколку се исполнети сите законски услови за материјална помош и сите права кои моѓе да ги користи од Центарот согласно новиот закон, изјави за Сител Александра Арсовска, директор на Меѓуопштинскиот Центар за социјални работи Куманово.

7 членото семејство месецот го поминува само со пензијата на бабата од 10.000 денари. Таткото Зоран сам се грижи за петте малолетни деца. Живеат во една соба во трошна селска куќа.

-Никогаш не сум ги одвоил децата од ништо, ако треба одат и на екскурзија, изјави Зоран Вукановски, од кумановското село Бељаковце.

По вчерашната сторија на Сител за семејството Вукановски помош понудија и неколку хумани граѓани.