Македонија
25. јуни 2018 - 8:33

По согласноста од Грција, Македонија очекува датум од ЕУ и покана од НАТО

До Советот на ЕУ за општи работи, кој денеска и утре во Луксембург ќе разгледува почеток на пристапни преговори на Македонија и на Албанија, треба да биде доставено писмото од Грција дека нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во петокот на конференција во Родос пред новинарите најави дека денеска наутро писмата со иста содржина Грција треба да ги достави до ЕУ и НАТО.

- Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред, рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија, воедно објасни дека, како што јави дописничката на МИА од Атина, за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Оценува и дека нема да биде добро да се случи такво нешто.

Од петте земји кои Коѕијас ги спомена дека се против интеграција на Македонија и Албанија во ЕУ, во меѓувреме, на таа позиција остана само Франција. Каков ќе биде ставот на Франција, од Француската амбасада велат дека ќе биде соопштено на Советот на ЕУ во петок.

- Разговорите се во тек во Брисел, а конечниот став на Франција ќе го соопшти францускиот претседател Емануел Макрон за време на Советот на ЕУ на 29 јуни, изјави за МИА францускиот амбасадор Кристиан Тимоние.

Своевиден дипломатски притисок викендов направи и САД врз Франција во однос на отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Државниот секретар на САД Мајк Помпео побара од Франција да не го блокира пристапувањето на Македонија во НАТО и ЕУ. Помпео во вчерашниот разговор со шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, побарал по постигнатиот договор меѓу Скопје и Атина, Париз да ги поддржи аспирациите на Македонија за членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, пренесува МИА.

- Државниот секретар Помпео побара од франускиот министер за надворешни работи Ле Дриан да ја поддржи поканата од НАТО за приклучување на Македонија, како и отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, по потпишувањето на договорот за името меѓу Грција и Македонија, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на Стејт департментот.

Премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека очекува поддршка за пристапни преговори да стигне од сите земји - членки на ЕУ, па и од Франција.

-  Јас се надевам дека ќе омекне и срцето на претседателот на Франција, Макрон. Ги разбирам внатрешните дебати кои се отвораат во Франција, но Франција е наш голем пријател. Ако Германија, Франција, Велика Британија, Италија и други земји одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред, а мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема, изјави Заев петокот на новинарско прашање по стартот на изградбата на експресниот пат Ранковце - Крива Паланка.

Конечната одлука за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ треба да биде донесена во четврток и петок на состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата.