Македонија
12. February 2019 - 16:40

По синот, вработен и братот на пратеничката Мира Стојчевска

Покрај синот во ЕЛЕМ, пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска во државата РЕК Битола го вработила и својот брат, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ
Арсовски вели дека и синот и братот на пратеничката на СДСМ се вработени еден ден по распишувањето на претседателските избори, што е спротивно на законот.

Претходно медиумите објавија дека голем број на пратеници од власта си обезбедија столче во јавната администрација за своите роднини. Омилена дестинација е државната ЕЛЕМ бидејќи таму платите се од 40.000 денари нагоре. 

Токму на ова место покрај синот на пратеничката Стојчевска работи и ќерката на Џафери. Синот на Мисовски од неодамна е вработен во агенцијата за супервизија на осигурувањето, мајката на портпаролот на СДСМ Костадинов има нови колеги во Централниот регистар каде што нововработена е и сестрата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски.  Меѓу новите административци е и ќерката на пратеничката Александрова која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа од пред неколку дена чека плата од Фондот за иновации.

Опозицијата обвини и дека 4 министри во владата на Заев си обезбедиле вработување за своите најблиски. Сестрите на министрите Адеми и Бектеши добиле канцеларии во ЕЛЕМ и МЕПСО, зетот на министерката Десковска во државното воздухопловство а во македонска навигација се вработил близок роднина на министерот за земјоделство.

За обвинувањата Сител денеска побара став од пратеничката Мира Стојчевска но таа не беше достапна на својот телефон.

Од СДСМ велат дека партизацијата на институциите била одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Од таму додаваат дека вработувањата се законски и направени во согласност со потребите на секоја од државните институции.
„ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот што Македонија конечно тргна напред , дека невработеноста се намалува, платите растат, а економијата се движи во вистинска насока.“ – се вели во реакцијата на СДСМ.