Македонија
20. July 2019 - 14:03

По разговорот со лажниот Порошенко премиерот Заев го менува телефонскиот број – метла ќе добие и дел од неговиот кабинет

Премиерот Заев го менува својот телефонски број по скандалот со лажниот Порошенко. Во писмено соопштение од Владата информираат дека премиерскиот кабинет презема мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во како што велат „ спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации“.
 
Истовремено, од Владата информираат дека по направената анализа на дел од ангажираните лица во премиерскиот кабинет Премиерот Заев ќе им се заблагодари за соработката. 
 
„ Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.
 
Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници. 
 
Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка. 
 
Согласно најавата за одлучно спротивставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата.“ – се вели во соопштението на Владата. 
 
Ваквиот чекор на Генералниот секретаријат на владата доаѓа откако пред неколку недели, беше објавен телефонски разговор од страна на двајца т.н. пранкери кои повеќе од една година разговарале со Премиерот Заев лажејќи го дека рзговара со сега веќе поранешниот Претседател на Украина Петро Порошенко.
 
Александар Спасовски