Македонија
28. April 2019 - 17:24

По премиерот и лидерот на опозицијата уверува дека на 5-ти мај ќе биде постигнат уставниот цензус за претседател

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува да биде постигнат уставниот цензус на вториот круг од претседателските избори на 5 мај. Тој верува и во победата на професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатката која ја поддржа опозициската партија.

- Следен претседател на Република Македонија е проф. Гордана Сиљановска Давкова. Очекувам да има цензус на 5 мај...Се разбира дека секоја една изборна трка е момент кога треба да се испитаат ангажманите и политиките. Но, ние со првиот ктуг покажавме и докажавме дека ВМРО-ДПМНЕ е консолидирана, дека е цврсто на нозе. Победи во 47 општини во Република Македонија, освои 42,5 проценти од гласовите на оние кои одлучија да излезат во првиот круг. Јас не ни помислувам дека има друга опција  за РМ и за граѓаните освен опцијата дека Сиљановска Давкова е идниот претседател на РМ. Се разбира Републичкиот изборен штаб ќе презентира извештај за сработеното, а Централниот комитет е тој кој што понатаму ќе одлучува како и во која насока партијата ќе се движи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не прецизира на чии гласови смета за зголемување на излезноста, но јасно е дека ќе ја чека одлуката на претседателството на Алијансата на Албанците закажана за во четврток. Изјавите на лидерот на Алијансата Зијадин Села дека ќе остави на самите приврзаници да одлучат дали и за кого ќе гласаат на 5 мај, Мицкоски не ја толкува како повик за апстинирање.

Вчера и премиерот и претседател на СДСМ Зоран заев рече дека очекува успешни избори на 5 мај, но и победа на кандидатот кој го подржува неговата партија – Стево Пендаровски. Во случај да не биде постигнат цензус или доколку Пендаровски не ја добие претседателската трка, Заев вети предвремени парламентарни избори.

Освен во кампања, власта и опозцијата се и во преговори за законот за обвинителството со кој се решава статусот на Специјалното јавно обвинителство и иднината на предметите што ги води. Министерството за правда веќе од утре го чека одговорот од ВМРО-ДПМНЕ за последниот предлог - предметите на СЈО да бидат распределени во републичкото Јавното обвинителство преку посебна комисија која би ја водел јавниот обвинител.

Мицкоски вели дека се уште стојат на амандманите кои ги има партијата, а конечната верзија на законот треба да се очекува по изборите.