Македонија
10. July 2019 - 21:38

По пет години обвинение за хеликоптерската несреќа во Струмица

По пет години од хеликоптерската несреќа кај Струмица во која загинаа четворица припадници на МВР поднесено е обвинение против едно правно и две физички лица.

Обвинението за несреќата која се случи на 10 јули 2014 година  ОЈО Струмица го поднело во април годинава. Од струмичкиот основен суд ја потврдија информацијата.

Портпаролот на судот, судијата Цона Каламерникова информираше дека од страна на обвинителството во април бил поднесен обвинителен акт. Советот за оценка на обвинение го разгледал предметот и на 28 мај го одобрил обвинението. Според информациите од судот датум се уште нема, но она што е познато дека судењето треба да започне на почетокот од септември.

Хеликоптерската несреќа во која загинаа пилотите на МВР  Драги Мицев, началник на воздухопловните сили , Маријан Трајковиќ, пилот-капетан, Тоде Орешков, воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал, и Илјо Лопатички, командир-пилот се случи пред точно пет години  на 10 јули  во близина на кванташкиот пазар кај Струмица за време на ноќен тренажен лет . Полицискиот МИ – 17 летал на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно. Во моментот на уривањето леталото удрило во антенски  столб на македонската радиодифузија , а четворицата пилоти починале веднаш.