Македонија
26. July 2018 - 16:05

По налог на ОЈО, полицијата одзеде документи од Фондот за иновации поврзани со доделените грантови

Полицијата влезе во просториите на Фондот за иновации и ја одзема документацијата поврзана со доделените грантови. Ваков налог МВР добило од Јавното обвинителство за организиран криминал. Оттаму велат дека ги превземаат сите неопходни дејствија за да утврдат дали имало прекршувања на законот при  распределбата на државни пари на компании во кои удел имаат јавни функционери или нивни блиски роднини, но поради тајноста на предистражната постапка, повеќе информации не се откриваат.  

Акцијата на МВР и ОЈО ја потврди и директорот на Фондот Јован Десподовски. Тој во телефонски разговор вели дека од нивна страна биле обезбедени сите неопходни документи, а фондот стои на располагање за сите понатамошни постапки на обвинителството.

Покрај вицепремиерот Кочо Анѓушев, пратеникот на СДСМ Хари Локвенец и првиот човек на општинската организација на СДСМ Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинува дека гранд од над 1 милион денари и биле доделени и на пецатница во сопственост на Александар Семенпеев, советник на СДСМ во Богданци.  

Да потенцираме дека печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци во повеќе наврати има печатено рекламни материјали за СДСМ. Дали можеби со овој грант се расчистуваат некои претходни изборни долгови од СДСМ кон печатницата? Особено е чудно и несфатливо за јавноста во целата постапка како е можно баш сите овие функционери во СДСМ да добијат грантови за своите бизниси. Секоја несериозност од страна на органите на прогонот ќе биде доказ дека тие се под сериозен притисок на власта за да го покријат овој огромен скандал кој што ја затресе јавноста.

За жал гледаме дека на сите инволвирани не им фали влакно на главата. Сите се на функциите на кои што беа и може да ги покриваат трагите и да ги уништуваат доказите. Впрочем Заев застана зад нив и испрати сигнал каков исход очекува од истрагата, вели Димче Арсовски, портперол на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата обвинува дека ова е наголемиот грабеж на државни пари кои завршуваат во рацете на функционери на СДСМ и бара јавното обвинителство да одговори дали во истрагата се одземени телефони и компјутери за да се утврди дали сопстевниците на фирмите биле во меѓусебна комуникација со директорот на Фондот за иновации.