Свет
30. December 2017 - 10:27

По Кина, и Русија обвинета дека шверцува нафта за Северна Кореја

По американските обвинувања дека Кина го крши ембаргото и и доставува нафта на Северна Кореја, новинската агенција Ројтерс јавува дека и руски бродови биле користени за да се крши ембаргото.

Ројтерс се повикува на анонимни западноевропски извори, кои тврдат дека во октомври и ноември биле забележани случаи во кои руски бродови префрлале нафтени деривати на севернокорејски бродови на отворено море. Според изворите, нема докази дека ова се врши со знаење или согласност на руските власти.

Северна Кореја е под строго ембарго, заострено во изминатите месеци поради серијата ракетни проби на севернокорејската армија. Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина дека го крши ембаргото, доставувајќи им нафта на севернокорејски танкери на отворено море. Во медиумите беа објавени фотографии од американски сателити од овие наводни средби меѓу бродови од двете држави.