Loading Video...
Фудбал
20. July 2018 - 15:07

По елиминацијата на Вардар, Шкендија единствен македонски претставник во Европа

 
 
 
Откако во вторникот екипите на Работнички и Шкупи беа елиминирани од унгарски Хонвед и Глазгов Ренџерс, а синоќа истата судбина ја доживеа и Вардар по двомечот со Пјуник, македонскиот првак Шкендија останува единствениот наш претставник на европската фудбалска сцена. 
 
Вардарци не само што не успеаја да ја анулираат негативата од еден гол од гостувањето во Ереван, туку беа поразени и пред своите симпатизери на арената „Филип Втори“, во реванш мечот од првото квалификациско коло во кој Пјуник со головите на Бакар Балде, во 85-тата и 89.минута забележа победа со 2:0. 
 
Ако минатата година црвено-црните го направија најдобриот резултат во македонската клупска историја со пласманот во групната фаза во Лига Европа, годинава очигледно дека Вардар е далеку од тим, кој е конкурентен за да го продолжи летото на европската сцена. 
 
Сега единствената надеж за каков таков позитивен настап е во тетовска Шкендија, која иако забележа убедлива победа во првиот меч против ТНС од Велс, сепак приреди големо разочарување со срамниот пораз од 4:0 на гостувањето. 
 
Шансата да го поправат впечатокот и да потврдат дека тоа било само лоша епизода, тетовци ќе ја имаат во вторник (24 јули) во првиот меч од втората рунда кога во Скопје ќе го пречекаат молдавскиот претставник Шериф Тираспол