Македонија
24. јуни 2018 - 19:26

По две години стагнирање, повторно наплив на илегални мигранти на јужната граница

Зголемен бројот на обиди за нелегален премин на границите. После двегодишното константно намалување статистиката на МВР годинава бележи зголем број на мигранти кои се обиделе нелегално да ги преминат нашите државни граници.  Од почетокот на оваа година па заклучно со месец мај  на сите граници спречени се вкупно  3384 лица кои се обиделе нелегално да остварат влез во Република Македонија.

Најголемиот број од нив биле спречени на јужната граница.  На овој дел од државата за пет месеци македонските погранични служби спречиле 3150 лица при обид за илегално преминување на границата, бројка која е скоро двојно поголема за разлика од лани кога за цела година биле регистрирани 3220 такви обиди.  Од МВР информираат дека  зголемувањето на бројот на спречените обиди за илегален влез од Грција во Македонија  и тоа на неделно ниво посебно било изразено последните два месеци.

Најголемиот број на такви обиди во нашата држава е регистриран претходната недела во периодот од 11 до 17 јуни кога се  спречени вкупно 377 лица кои се обиделе нелегално од Грција да влезат на македонска територија, што е најголем број на неделно ниво во 2018 година.  И годинава најбројни се државјаните од Пакистан кои преку Македонија се обидуваат на илегален начин да стасаат до некоја од земјите на ЕУ, по нив следуваат лицата од Сирија, а потоа од Алжир.  

Миграцијата ќе биде тема и на денешната неформална средба во Брисел со група  на шефови  на држави или влади на членките заинтересирани за изнаоѓање европско решение пред претстојната седница на Европскиот совет.Според најавата на средбата ќе учествуваат претставници на Австрија, Бугарија, Германија, Грција, Италија, Малта, Франција и Шпанија.  Целта на средбата кој се одржува четири дена пред самитот на ЕУ е да се надминат големите разлики меѓу членките на унијата околу прашањето со миграцијата.