Македонија
30. April 2020 - 16:57

По две години и шест месеци затвор добија насилниците од Штип кои претепаа девојка

По две години и шест месеци ефективна казна затвор добија обвинетите во случајот со тепаното девојче, немил и грозоморен настан кој го снимиле со мобилен телефон. Денеска тие, но и нивниот адвокат не присуствуваа на носењето на пресудата. Во судската сала беше присутна само бранителката на жртвата.

Изречената казна, се надевам дека, најнапред ќе делува делотворно на обвинетите, истите да сфатат што сториле, искрено да се покајат за делото што го имаат и да се подобрат како личности- изјави  Билјана Андонова, адвокат на оштетената. 

Со оваа пресуда, Андоновска смета дека се праќа јасна порака кон цела јавност за нулта толеранција за ваков вид на насилство. Согласно Законот за кривична постапка, оштетената нема право на жалба по однос висината на санкцијата, но тоа може да го стори основниот јавен обвинител.

Мораме да се видиме со оштетената, да видиме дали истата ќе биде задоволна од изречената казна, меѓутоа, оставаме обвинителот да одлучи- додаде Андонова.

Бидејќи обвинетите го признаа делото, не се изведуваа докази пред судот, па остана енигма кој го постирал видеото на социјалните мрежи. До правосилноста на пресудата двајцата штипјани остануваат во притворското одделение во кумановскиот затвор.