Македонија
14. February 2020 - 14:37

По дваесетминутна дебата за законот за ЈО, пратениците повторно на пауза

За смирување на страстите по дваесетминутна расправа за Предлог-законот за јавно обвинителство на барање на Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде еден час пауза, откако пратениците Антонио Милошовски и Крсто Мукоски од говорница разменија обвинувања за криминал. Претходно реплики со обвинувања и контраобвинувања си разменија и Милошоски и министерката за правда Рената Дескоска.

Во дискусијата по законот Антонио Милошоски прво ја обвини власта дека инсистира по секоја цена да го донесе законот заради тоа што со членот 110, кој предвидува нелегално стекнати снимки да не можат да се користат како докази за обвинение, сака да се заштити од криминал. Ова, заради тоа што лицето З.З. знае дека има многу снимки што укажуваат дека тој е главата на октоподот во „Рекет“, но и дека има и други криминални дејства како барање за ослободување притвор за еден стопанственик.

Притоа, тој побара претседателот на Собранието да му дозволи да емитува нова аудио снимка од која може да се види дека лицето З.З. е главата на октоподот на „Рекет“, но за тоа не доби дозвола. По што пратеникот рече дека ќе ја почитува одлуката.

-Јасно е зошто министерката за правада не сака да го образложи законот и зошто се брзаат да го донесат. Тоа е затоа што сакаат да се заштитат себе си и пред се лицето З.З., истакна Милошоски.

На ова реплицираше министерката за правада Рената Дескоска, која рече дека ова било само добар блеф на пратеникот.

-Вие едвај чекавте да не добиете дозвола да ја пуштите снимката, бидејќи и онаа што ја пуштивте на седница на собраниска комисија не беше „бомба“, туку обична петарда без значење, рече министерката.

Ова, рече Дескоска, укажува на страв и паника кај вас, и претставува обид  за опструирање на законот, како што правевте цела година. Вие, му рече министерката на правда Дескоска, само сакавте со законот да се поништат сите постапки и од СЈО и од ЈО.

Таа додаде дека очекува 80 пратеници, на кои, како што рече, им е важна иднината на земјата и воспоставување на правадата да го поддржат законот.

Милошоски во контрареплика рече дека не може власта да зборува за правда, која селективно ја спроведува. Во 2017 година, рече, СДСМ го обвинуваше пратеникот Красто Мукоски и неговата фирма за криминал од 2 милиони евра, а откако гласаше за промена на Уставот, доби од власта тендери во висина од 4 милиони евра. Исто така, рече Милошоски,  јас никогаш не сум рекол дека тој е терорист, како што го нарекуваа пратеници на СДСМ, но откако тој „ги отвори вратите за НАТО и ЕУ и ги изневери очекувањата на граѓаните“ Зоран Заев вели дека тој е храбар и реформатор.

Селективност во правдата рече Милошоски има и во случајот „Рекет“ во кој обвинителката Вилма Русковска селективно постапува и покрај сведочењата на сведок дека во домот на првоосомничениот Бојан Јованноски чести гости биле Шекеринска, Филипче, Кирацовски, Богоев и дуги преставници на власта.

На ова реплицираше пратеникот Крсто Мукоски кој на Милошоски му порача дека е уплашен човек и криминалец кој треба да одговара пред законот е на оваа држава.

-Господине Антонио Милошоски, се знаеме одамна од 1997 година од студентските протести. Ја знам вашата реторика, но не очекувам дека на овој начин ќе ја почнете денешната дебата и ова што денеска го кажувате е типичен пример на уплашен човек, човек криминалец којшто знае дека еден ден треба да одговара пред законите на оваа држава. Многу ми е жал за партијата ВМРО-ДПМНЕ која што вие не можете да ја присвоите пред мене бидејќи можеби и пред вас сум член во таа партија. Но, жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ денес е заложник на двајца, тројца криминалци како вас и се претвори во партија од примерот на Златна Зора во Грција или радикалите на Шешељ. Тоа не беше фундаментот или основата на ВМРО-ДПМНЕ од самото основање на партијата. Патот на ВМРО-ДПМНЕ е патот кон евроатлантските структури, рече тој.

Во врска со неговата компанија Атриум рече дека постоела од 1974 година во Словенија, до распадот на Југославија. Фирмата, рече, земала тендери во многу власти во оваа држава и ќе зема тендери на легален и законит начин. По обвинувањата за криминал, појасни, инспекции влегле во неговата фирма но не пронашле ништо што било незаконско.

Во врска со случувањата на  27 април тој рече дека како човек за таа несвесна грешка што ја направил си го одлежал своето и оти жали што такви како Милошоски кои ги упатувале луѓето што влегоа во Собранието не одговараат.

Пратениците се на втора пауза, првата дадена откако пратениците заглавија во процедурални забелешки.