Македонија
28. September 2019 - 14:48

По деветти пат се одржува ултрамаратонот „Крали Марко треалс“

Околу 300 учесници од 20 земји денеска учествуваат на ултрамаратонот „Крали Марко треалс“ – манифестација која се одржува по деветти пат.

Учесниците изутрината од 8 и од 10 часот стартуваа од најстарата прилепска населба Варош, преку марковите Кули до Козјак и назад. Трчаат во три патеки, на 16, на 34 и на најдолгата, ултрамаратонот од 67 километри.

Според Игор Јовановски од клубот „Трекс“ од Скопје, организатор на овој веќе традиционален ултрамаратон, манифестацијата станува една од најпрепознатливите во земјава кога се во прашање ултрамаратоните, а има сѐ повеќе луѓе во земјава кои спортуваат и сакаат да живеат здраво.

– Овој ултрамаратон „Крали Марко треалс“ се организира по деветти пат од Марковите Кули до Бабуна до висинска разлика од 3.600 метри. Овој е еден од поголемите ултрамаратони во државата. Започнува од најстарата прилепска населба Варош, па Трескавец, до врвот Козјак, присад, под манастирот Свети „Архангел Михаил“. Претставува убав спортско-рекреативен настан кој дополнително го претставува целиот прилепски регион пред вљубениците во планинското трчање. Имаме речиси 300 учесници од 20 држави. Се натпреваруваат во три трки: најдолгата и најтешка е 67 километри, потоа на 34 и на 16 километри. Од осум часот изутрината стартуваше најдолгата трка од 67 километри, а од 10 часот другите две, од 34 и од 16 километри, каде е помасовното учество, појасни Јовановски.

Тој смета дека во државава има сѐ повеќе луѓе кои го практикуваат спортот и во нивното секојдневие го имаат здравиот начин на живот.

Меѓу учесниците се и Бојан Марковиќ, од Јагодина, Србија, како и Јозеф Веверка од Словачка кои за првпат се тука.

– Првпат сме овде. Ќе трчаме 67 километри. Не привлекуваат природата, крајот, историјата. Минатата година бевме на планинарење во околината, ни се допадна Прилеп и сега учествуваме на ултрамаратонот, вели Бојан Марковиќ од Србија.

Јозеф од Словачка вели дека му се допаѓа ваквото планинско трчање и смета дека пределот е одличен за тоа.

Ивана Ценевиќ од Србија која е учесник по третпат вели дека многу ѝ се допаѓа затоа што стекнала и пријатели.

– Третпат учествувам на трката. Кога дојдов првиот пат, патував 14 часа, ама многу ми се допаѓа овде. И продолжив да доаѓам. Пределот ме фасцинира, го нема ваков во Србија. Најдов и пријатели и така тоа трае еве веќе три години, рече Ценевиќ.

Прилепчанецот Александар Стојкоски трипати победувал и очекува одличен резултат и годинава.

– Петти пат сум дел од овој ултрамаратон. Очекувањата ми се да истрчам за околу седум и пол часа. Теренот бара голема подготвеност, не е лесен. Трчаме кон Трескавец, па Плетвар, Козјак, потоа се спуштаме кај селото Крстец, па манастирот „Свети Ѓорѓија“, Вештачкото езеро, врвот Единак, Дабница, пак Трескавец и назад во Варош. Патеката е 67 километри со 3.600 метри висинска разлика. Трипати сум победник на оваа трка, очекувам одличен резултат и годинава, рече Стојкоски.