Свет
22. May 2017 - 9:32

По цели пет години Хомс е под целосна контрола на сириската Влада

Сириската Влада во целост ја презеде контролата врз Хомс, третиот по големина град во Сирија, во кој веќе нема ниту еден припадник на вооружената опозиција, првпат по повеќе од пет години, изјави гувернерот на покраината, Талал Барази.

Градот Хомс мина во рацете на владата откако заврши евакуацијата од последниот кварт што беше под контрола на опозицијата, пренесоа американските медиуми.

Илјадници жители на квартот Ал-Ваер по неколку недели префрлање се целосно евакуирани од него, а Барази вчера на новинарите им се обрати токму од овој дел на градот.

За либанската телевизији „Ал-Манар“ тој кажа дека државните институции веднаш ќе почнат да се враќаат во Ал-Ваер.

Силите на сириската Влада во изминатите години постепено освојуваа делови од градот Хомс, се додека опозициските борци не беа целосно изолирани во Ал-Ваер.

Опсадата на Ал-Ваер почна во 2013 година, а последната група опозициски борци и нивните семејства вчера почнаа да го напуштаат овој кварт.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, со седиште во Велика Британија, соопшти дека од овој дел на градот се евакуирани повеќе од 20.000 лица, а мнозинството од нив се префрлени во областите на север од Сирија, што, се уште, се во рацете на опозицијата.