Свет
25. јуни 2021 - 8:50

По Бајден, и Блинкен во Европа по постигнување единството на Западот

По турнејата на Џо Бајден низ Европа таму се врати државниот секретар Ентони Блинкон, особено за неговата прва посета на Франција, каде се обиде да продолжи да гради обединет фронт на Западот, што американскиот претседател би сакал да го формира против Кина.

Шефот на американската дипломатија замина во Берлин во вторникот попладне, пред посетите на Париз и Рим, со напорен распоред: ќе преговара со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон, клучни играчи во Европската унија, ќе го посети Ватикан и ќе учествува на меѓународните форуми за мир во Либија и за воената коалиција против џихадистичката група Исламска држава.

Неговата турнеја ќе заврши на 29 јуни во италијанскиот град Матера со средбата со министрите за надворешни работи на членките на Г20, во присуство на неговиот кинески колега. Евентуалниот разговор во четири очи, што засега не е потврден,, може да се додаде кон неговиот прв, многу напнат контакт со највисокиот дипломат на една земја, која од администрацијата на Бајден е прогласена за предизвик број еден за надворешната политика на Вашингтон.

За време на патувањето низ Европа, американскиот претседател им предложи на сојузниците на САД да почнат голем глобален инфраструктурен план за да се натпреваруваат со „Новиот пат на свилата“ на Пекинг. И успеа во намерата НАТО да го зајакне одговорот на пактот кон растечката моќ на Кина.

-Ова патување го развива приоритетот на претседателот Бајден: да ги заживее односите со нашите сојузници, изјави Филип Рикер, одговорниот за Европа во Стејт департментот пред новинарите во Европа.

„Јачината на овој однос ќе лежи во основата на многу дипломатски приоритети“, вклучително и „одговорот против Кина и авторитаризмот ширум светот воопшто“, додаде тој.

Доближување на позициите

Повеќето европски лидери со ентузијазам го поздравија односот на Џо Бајден кон традиционалните американски сојузници, на кои тој им придава големо значење, за разлика од грубиот пристап на неговиот републикански претходник, Доналд Трамп.

Претседателот демократ избра тим што е благонаклонет на трансатлантските врски – прв и најважен е Ентони Блинкен, франкофонски дипломат и франкофил, кој живеел во Париз за време на неговата младост.

Тој веќе ја врати страницата кон низа несогласувања со Европејците, ја смени одлуката на Трамп да ги повлече американските трупи од Германија и постигна примирје во стариот конфликт меѓу Ербас и Боинг.

Покрај тоа, Бајден одби да ги санкционира клучните играчи во изградбата на спорниот гасовод „Северен тек-2“ меѓу Русија и Германија, критикуван и од неговиот демократски табор, загрижен дека прави вакви отстапки на Москва.

Владата на САД објаснува дека избрала да не се кара со Берлин за речиси завршен проект што не може да се запре. Напротив, се наведува дека Германците сега се подготвени да соработуваат со Вашингтон при цртање на црвените линии за Русија.

Филип Рикер уверува дека станува збор за „извлекување нешто позитивно од една тешка ситуација“.

Според Јан Лесер, потпретседател на германскиот тинк-тенк фонд „Маршал“, случајот „Северен тек-2“ ги илустрира многуте ризици што Бајден ќе мора да ги преземе при воспоставувањето „тежок баланс“ со Европејците.

Демократот реши да ги смири работите за да не губи време и енергија во расправиите меѓу демократските сојузници, туку да ги насочи да им се спротивстават на нивните ривали, предводени од Кина.

Покрај тоа, „Европејците зазедоа поостар пристап кон Кина“, изјави Лесер.

Соодветно на тоа, идниот германски канцелар може да има построга стратегија кон Кина од Ангела Меркел, која секогаш давала приоритет на трговијата со азискиот гигант, но која сега се подготвува да се повлече од функцијата.

Екологистката Аналена Бурбок, една од фаворитите за нејзина наследничка, не крие своите резерви кон кинеските компании, како „Хуавеи“, црната овца на Американците и вети двојно потврд однос кон Пекинг во постапките против ујгурските муслимани, што Вашингтон ги оцени како „геноцид“.

-Администрацијата на Бајден се обидува да го заживее ова зближување на долг рок, смета Јан Лесер.