Македонија
20. October 2019 - 19:35

По 60 години во Штип почна изградбата на најголемиот мост на Брегалница

После 60 години во Штип се гради мост на река Брегалница. Се работи за монтажна челична конструкција, без потпорни столбови со висечки лак, единствен од ваков тип во земјава, кој ќе биде и своевиден симбол и украс на градот. Мостот е со тежина од 240 тони, должина од 60 и широчина од 10 метри, со две коловозни ленти и тротоар за пешаци.

-До крај на овој месец ќе успееме да ја завршиме главната челична конструкција и во наредниот месец, реално до крај на 11-ти месец, се нашите прогнози дека ќе успееме да ја поставиме целокупната сообраќајница да ја ставиме во функција и веќе граѓаните да можат да ја користат-изјави Илија Николов, директор на „Актива“ - Штип, изведувач.

Со премостувањето на Брегалница, завршуваат првата и втората фаза од обиколницата, која ги поврзува населбите Пребег, Сењак, Баби и Автокоманда, со индустрискиот дел и излезот на градот.

-Се работи за инвестиција од околу 1 милион евра, доста значајна за градот- изјави Благој Бочварски, градоначалник на Штип.

Примарна цел на ова сообраќајно решение е растеретување на сообраќајниот хаос кој се создава при одење и враќање од работните места.