Македонија
24. September 2015 - 14:41

По 50 години се реновира градинката во Козле

Со околу еден милион денари средства на Министерството за труд и социјална политика се реновира градинката  „Пролет“ во населбата Козле, општина Карпош. Објектот е стар педесеттина години и ова е првпат тој да биде реновиран.

- Целосно ќе бидат променети прозорите и во оваа фаза ќе биде реновиран и паркетот. Во втора фаза планираме и реновирање и поставување нова фасада со што овој објект, кој што е стар повеќе од 50 години, ќе добие многу подобри услови за згрижување на децата од предучилишна возраст, рече министерот за труд и социјална политика кој денеска изврши увид во активностите за реновирање на објектот.

Додаде дека МТСП изминатиот период има преземено низа активности за зголемување на бројот на детските градинки во Македонија. Само годинава досега, рече, се отворени пет детски градинки, а до крајот на годината планираме да бидат отворени уште седум.

- Како Министерство започнавме активности и за 2016 година за отворање на уште 22 објекти, односно 22 детски градинки. Дел од активностите се во почетна фаза во постапка на обезбедување одреден објект кој би се реновирал и адаптирал, за дел од објектите веќе се започнати градежни активности, дел веќе се реновираат, потенцира министерот Спасов.

Тој појасни дека потребата за зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст е најголема во главниот град и поради тоа, рече, фокусот е ставен токму тука.

Од овие 22 објекти, како што информира, 12 се наоѓаат во градот Скопје. Започнато е со градба на нови објекти реновирање и адаптација на постојни во општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Горно Лисиче, Карпош...

- Со сите активности во наредниот период заклучно со 2016 година ќе се отворат минимум помеѓу 1.000 до 1.500 нови слободни места во детските градинки само во Скопје, со што значително ќе се намали притисокот на постоечките објекти, потенцира министерот за труд и социјална политика и најави дека Министерството и натаму ќе продолжи да презема низа активности насочени кон изградба на нови детски градинки.

Претседателот на Советот на општина Карпош Сашо Лазаревски истакна дека преку добра соработка со Владата и МТСП овозможено е реновирање и проширување на капацитетите во градинките. Најави дека во соработка со Владата се работи и на изградба на нова градинка во Бардовци. Со тоа, рече, територијата на општината ќе биде покриена со капацитети во кои ќе можат да се згрижуваат најмладите деца.

Директорката на градинката „Пролет“ Вита Јаковлевска информира дека во педесетгодишното постоење на градинката таа првпат се реновира. Информира дека во три објекти на градинката годинава се запишани 702 деца.