Македонија
10. November 2018 - 16:05

По 30 дена притвор добија петтмина од случајот „Империја“ меѓу нив и Орце Камчев

Триесетдневен притвор за пет лица осомничени во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Империја“. Од синоќа во затворот во Шутка се бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на Пелагонија Цветан Панделески, како и директорот на фирмата Ексико Тодор Мирчевски.

Тие повеќе од десет часа беа на распит во скопскиот Кривичен суд, по што судија на претходна постапка ги уважи барањата на СЈО и ги издаде решенијата за притвор.

Во новата истрага на СЈО кривично се гонат вкупно 13 лица. Покрај петте кои добија притвор, осомничени во “Империја”се уште и Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Сите се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело направени преку фирмите кои ги поседуваат.

Според СЈО, со примена на посебни истражни мерки се обезбедени доволно докази дека од 2002 до 2013 година, осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар, лично и преку правни лица, кои биле или се во нивна сопственост.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ноќеска во Кривичниот суд ги подигна решенијата со кои им се одреди притвор на петмината осомничени и најави дека истрагата ќе биде проширена.

Камчев преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со Специјалното Јавно обвинителство и дека неговите компании не сториле никаков криминал

Засега нема детали околу истрагата „Империја“ на СЈО и што точно сториле тринаесетмината осомничени. Случајот се темели на стари предмети од Основното Јавно обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за кои СЈО презело надлежност пред околу половина година.