Балкан
28. August 2023 - 16:39

По 10 години од оваа учебна година повторно се отвора Лекторатот за македонски јазик на Универзитетот во Тирана

По 10 години пауза, на Универзитетот во Тирана, ќе се изучува Македонскиот јазик. Од новата академска година во рамки на Факултетот за странски јазици почнува со работа и лекторатот за македонски. Иницијативата за обновување на праксата од пред една деценија доаѓа од Македонското друштво „Илинден“. Од таму велат дека на овој начин, македонците од Албанија, повеќе не треба да одат во Скопје за да го изучуваат македонскиот јазик.

Половина година траела постапката за отворање на Лекторатот.. Освен друштвото „Илинден“, во процесот биле вклучени Меѓународниот семинар за македонски јазик при скопскиот Универзитет Св. Кирил и Методиј и амбасадорот во Албанија. На заедничкиот состанок одржан во мај на кој присуствувала и деканката на Факултетот во Тирана, било заклучено дека се исполнети сите услови за отворање на Лекторатот, но и дека има можност да се формира и посебна катедра по македонистика. По неполни два месеца од средбата, Факултетот за странски јазици информирал дека од новата академска година ќе почне со работа лекторатот, за што биле обезбедени и пари за вработување на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик.

Од друштвото „Илинден“, велат дека интересот за изучување на македонскиот јазик во Тирана е голем. Освен македонското малцинство, за него се интересирале и Албанците. Во меѓувреме, лекторатот ја доби и неопходната литература која е составен дел од македонистичкиот оддел на факултетот во Тирана.