Свет
21. December 2017 - 11:17

ПЛО до Трамп: Заканите нема да не обесхрабрат

Палестинската ослободителна организација (ПЛО) оцени дека нема да ги обесхрабри заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД ќе ја прекинат помошта за земјите кои во Генералното собрание  на ОН ќе гласаат за осуда на неговата одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел. 

- Претседателот Трамп би требало да знае дека постојат работи кои не се на продажба, ниту се предмет на уцена. Особено работи поврзани со принципите, правдата и моралот, се вели во соопштението на Извршниот комитет на ПЛО.

Во соопштението ПЛО оценува дека САД со своите постапки само ќе ги изолираат процесите и политиките на глобално ниво.

- Уцената е најефиксен начин САД да ја продолжат самоизолацијата и да ослабне нивното влијание и углед на меѓународно ниво, се додава во соопштението.

Според ПЛО, Палестинците нема да се обесхрабрени од таквите акции на американската дминистрација.

- Ова нема да не исплаши и обесхрабри. Огромното мнозинство на членови на Генералното собрание на ОН ќе ги почитуваат правните и политички заложби на Палестина, смета ПЛО.

Трамп се закани дека ќе ја укине американските помош на земјите кои во Генералното собрание на ОН ќе гласаат против неговата одлука за признавање на Ерусалим како главен град на Израел.

- Тие добиваат стотици милиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа ќе гласаат против нас. Ние ќе ги следиме овие гласови. Нека гласаат против нас. Не сме многу загрижени, изјави Трамп во говор во Белата куќа.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли претходно испрати писмо до членките на Генералното собрание на ОН во пресрет на гласањето за резолуцијата против одлуката на САД да го признаат Ерусалим како главен град на Израел, во кое наведува дека Вашингтон „внимателно ќе следи кој како гласа“.

Претседателот на САД на почетокот на декември го призна Ерусалим како главен град на Израел, што предизвика остри реакции во меѓународната заедница, а пред се во арпаските и муслиманските земји.

Генералното собрание на ОН за денеска закажа итна седница по барање на група арапски и муслимански држави во врска со одлуката на САД за Ерусалим.