Балкан
3. February 2017 - 21:21

Пленковиќ: Не знам дека постои јадранска мигрантска рута

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Ла Валета изјави дека нема сознанија за постоење на некаква јадранска рута, преку која мигранти од Истра влегуваат во Словенија.

- На денешниот состанок не забележав никаква расправа за некоја нова, да ја наречеме, јадранска рута. Напротив, се говореше за одредено зголемување на бројот на мигранти преку медитеранската рута од Либија до Малта, Сицилија, Лампедуза и италијанскиот брег, изјави Пленковиќ, кој денеска во Ла Валета учествуваше на неформалниот Самит на ЕУ.  

Изјавата на Пленковиќ, претставува реакција на тврдењето на словенечкиот премиер Миро Церар, кој денеска по пристигнувањто на Малта предупреди дека е отворена нова мигрантска рута преку Јадранското Море и полуостровот Истра. 

- Мигрантите во последно време почнаа да се прелеваат кон Словенија преку медитеранската рута и Италија. Но, она што е најважно, отворена е рута преку Јадранското Море до Истра. Тоа е нешто што се однесува и на нас, нагласи Церар, додавајќи дека Словенија ќе работи решително на затворање на оваа рута, како што претходно направи со балканската.

Коментерајќи ја изјавата на Церар, Пленковиќ рече дека „можеби станува збор за недоразбирање“.

- Можеби станува збор за прилив на мигранти кои преку Италија доаѓаат во Словенија. Но, за тоа немаше никаква расправа, ниту јас како претседател на Владата има какви било сознанија дека постои отворена јадранска рута, која би подразбирала минување на бродови од Отранскиот Проток се до Истра. Такво нешто не сме забележале досега, а не забележав ни дека премиерот Церар го кажа тоа на состанокот, рече Пленковиќ.