Балкан
24. December 2017 - 9:55

Пленковиќ: Хрватска ќе го штити тоа што е хрватско

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека надворешнополитичките приоритети на неговата Влада во наредниот период се влез во еврозоната, Шенген и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), и оти во односите со Словенија во врска со граничниот спор ќе се однесува одговорно, но дека „ќе го штити тоа што е хрватско“.

На прашањето како Словенија од 29 декември планира да ја спроведе одлуката на Арбитражниот суд, Пленковиќ рече дека „нема еднострано спроведување на каква било пресуда“.

На прашањето што ако Словенија на 29 декември почне да ја применува својата надлежност, Пленковиќ рече дека „ги замолиле колегите од Словенија“, а таа порака им била пренесена и на партнерите во меѓународната заедница, дека „во вакви ситуации најважно е да се избегнуваат еднострани потези кои би можеле да доведат до инциденти“.

- Во овој момент ние го немаме решено прашањето за границите, особено на море, рече Пленковиќ во гостување на ХРТ и додаде дека ќе се однесува одговорно.