Балкан
27. September 2017 - 18:10

Пленковиќ: Единствената опција е да се најде рамка која ќе го спречи колапсот на Агрокор

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, денеска изјави дека, за кризата во Агрокор единствената можна опција што и е на располагање на хрватската влада е да се најде правна и институционална рамка, што ќе го спречи колапсот на компанијата. Тој  потврди дека имало комуникација меѓу министрите со Ивица Тодориќ, како и дека тие работат во согласност со законот и најдобрата пракса.

На новинарско прашање на маргините на 9. конференција „Ден на големи планови", дали смета дека Ивица Тодориќ стои зад кривичната пријава во која е „таргетиран“ врвот на Владата, премиерот Пленковиќ рече дека не е до него да оценува кривични пријави.

- Тоа е, пред сѐ работа на полицијата. Државниот обвинител треба да се занимава со тоа, рече Пленковиќ и додаде дека хрватската влада има  најголемата одговорност за една таква криза како што е закана за колапс на најголемиот економски субјект.

- Можете да не направите ништо - приватна компанија, слободен пазар, имаме механизам стечај, па она што реката го однесе нека го носи. Имате опција да дадете малку пари на некој креативни начин, но потоа за три месеци да се најдете во иста таква ситуација, бидејќи, очигледно е дека оние кои се задолжени да позајмат средства за да ја одржат ликвидноста, а тоа се пред сѐ банките, кредитните институции, деловни партнери, тогаш тоа веќе не сакаа да го прават, рече Пленковиќ.

Опцијата национализација, додаде тој, исто така, не доаѓа предвид во држава со западна демократија, како што е Хрватска.

- Единствената можна опција, врз основа на компаративната практика на други земји, беше да се најде правна и институционална рамка, која ќе го спречи колапсот на компанијата, губењето на работни места, да  овозможи реструктурирање и да го спречи она што е најважно - неконтролирана верижна реакција на хрватското стопанство, на финансискиот систем, во крајна линија и на туристичката сезона, подвлече тој.

Според него, сите зацртани цели што досега се поврзани со Агрокор, се остварени.