Македонија
4. March 2021 - 10:41

Платформата за родова еднаквост бара работодавачите да ги ослободат работничките од работни обврски за да присуствуваат на Маршот за 8 Mарт

Платформата за родова еднаквост упатува барање и апел до работодавачите да ги ослободат работничките од обврски во понеделник на 8 март, од 14:00 до 17:00 часот, со цел да присуствуваат на овогодинешниот марш под наслов „Држава што не постапува е држава што силува“.

-Платформата за родова еднаквост секоја година на 8 март организира марш со цел унапредување на состојбите со правата на жените. Оваа година маршот е посветен на потребата од поголема заштита на жртвите во случајот „Јавна соба“ и кривичен прогон на сторителите на сексуално насилство и сексуално вознемирување. Со маршот ќе побараат систематска и доследна заштита на жртвите во сите случаи на насилство врз жени и родово засновано насилство, преку унапредување на работата на клучните институции, велат од Платформата.

Бидејќи родово заснованото насилство е проблем кој го засега целото општество, потенцираат од Платформата, тоа е одговорност на сите чинители, а работодавачите треба да го поддржат овој марш со тоа што ќе овозможат жените да присуствуваат.

-На ваков начин работодавачите ќе се претстават како општетсвено одговорни чинители кои застануваат на страна на жените жртви на насилство, велат од Платформата за родова еднаквост.

Насилството над жените ги засега и работните односи, од една страна, тоа се појавува и во работни средини, најчесто во форма на мобинг и вознемирување, за што работодавачите имаат обврска да преземат превентивни и заштитни мерки. Од друга страна, насилството над жените има негативно влијание на нивното здравје, работоспособност, посветеност на работата и кариерното унапредување создавајќи бариери за еднакво учество на пазарот на трудот.

-Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба и сите жртви на родово засновано насилство. Зад статистиките стојат женски лица. Маршираме за да ги потсетиме интитуциите МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања, се вели во објавата на Маршот за 8 март.