Македонија
4. October 2015 - 9:33

Планинарски хепенинг „Да поШАРаме до Пожаране“

Запознавање и уживање во убавините на Шар Планина, е целта на планинарско - велосипедскиот хепенинг „Да поШАРаме до Пожаране“, што ќе се одржи денеска во селото Пожаране.

Планинарско - велосипедскиот хепенинг е во организација на ПД „Трансверзалец" од Скопје, а во соработка со ПД „Бистра" – Гостивар, ВК „Адреналин" – Гостивар и здружението „Единствена Македонија".

Настанот, како што информираат организаторите, вклучува две планинарски и две велосипедски тури.

Во рамките на планинарските тури првата вклучува искачување на врвовите Голема и Мала Враца, а помалата тура предвидува прошетка околу селото и шумата со костени до археолошкиот локалитет Долна Локва.

Велосипедските тури опфаќаат возење по трасата „Шарски Води“ од Попова Шапка до Пожаране (55 км) и од Гостивар преку селото Долно Јеловце до Пожаране (35 км).

Спортско-рекреативните активности завршуваат околу 16 часот во дворот на селската задруга во Пожаране, каде ќе има заеднички ручек и музичка забава.