Македонија
23. August 2018 - 22:22

Планинари ги обележаа пешачките премини, инспекторите констатирале неовластено обележување

Членови на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, вчера на изгрејсонце со бела боја ги обележуваа пешачките премини во близина на ОУ „Гоце Делчев“. Оваа нивна акција е, како што напишаа на нивниот фејсбук профил, реакција на опструкциите кои ги трпеле заради обновата на планинарскиот дом „Копанки“. Велат, на овој начин  решиле да одвојат дел од донираните средства за „Копанки“ за да ги обележат пешачките премини пред битолските училишта, во функција на безбедност на децата затоа што велат дека се во катастрофална состојба.

Но, на терен увид извршиле општински инспектор за патишта и претставник од комуналното одделение од Општина Битола, кои направиле записник и констатирале дека се работи за неовластено одбележување на хоризонталната сигнализација.

Градоначалничката на Битола вели дека евидентна е невидливоста на хоризонталната сигнализација во градот, но не смее тоа да се поврзува со негрижа на локалната самоуправа и да се прави ситен популизам. Се бара квалитетна боја со која нема да се бришат пешачките премини за брзо време. Во април бил објавен повик, но заради новите критериуми, никој не се пријавил.

- Потоа веднаш се спроведе втора постапка која што е во завршна фаза, избран е понудувачот, но тече жалбена постапка од друг понудувач. По одлуката, ќе се спроведува обележувањето на хоризонталната сигнализација, изјави НАТАША ПЕТРОВСКА, ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА.

Денеска преку отворено писмо реагираа планинарите прашувајќи  на кого му наштетиле? Велат дека граѓаните на Битола ја препознале благородноста на нивната акција, напоменувајќи дека доколку институциите не преземаат мерки од нивна надлежност, граѓаните имале право истите да ги преземат.