Свет
6. March 2018 - 14:01

Пјонгјанг се откажува од нуклеарното оружје ако добие безбедносни гаранции

Северна Кореја и Јужна Кореја се договорија за средба на врвот ком крајот на април во Панмунџон по повеќе од една деценија и за воспостави т.н. „жешка телефонска линија“ меѓу двајцата претседатели за намалување на тензиите.

- Северна Кореја стави до знаење дека нема да има потреба да ја задржи својaта нуклеарна програма ако воените закaни против државата бидат решени, а за тоа Јужна Кореја доби кредибилни безбедносни гаранции, изјави Чунг Еуи-јонг, шеф на јужнокорејската делегација.

Севeрна Кореја изрази подготвеност да разговара со САД за денуклеаризација и нормализација на односите, додaде Чунг.

Јужнокорејската делегација денеска се врати од Северна Кореја каде вчера имаше средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Ким со јужнкорејската делегација разговараше повеќе од четири часа за време на вечeра во централата на Работничката партија во Пјонгјанг. Во делегацијата беа и шефот на разузнавачката служба на Јужна Кореја, Сух Хун и заменикот јужнокорејски министер за обединувaње Чун Хае-сунг.

Официјалниот весник на Работничката партија „Родонг синмун“ денеска ја посвети насловната страница на посетата на јужнокорејската делегација.

На главата фотографија е и Ким Јо-џонг сестра на севернокорејскиот лидер. Нејзиното доаѓање во Јужна Кореја значеше и прва посета на член на владејачкoтo севернокорејскo семејство на Југот по Корејската војна. Тогаш таа во име на својот брат му пренесе на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин покана за самит во Пјонгјанг.

Односите меѓу двете Кореи се подобрија по ЗОИ одржани во јужнокорејскиот град Пјонгчанг на кои беше и делегација на Северна Кореја. Јужнокорејската делегација утре треба да отпатува за Вашингтон за да пренесе од разговорите во Северна Кореја.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави претходно дека има „цврста волја за голем исчекор“ и оти сака да испише „нова историја за националното обединување“ со Јужна Кореја. Изјавата ја даде на вчерашната средба со делегација високи јужнокорејски функционери кои го посетија Пјонгјанг.

- Кога слушна од специјалниот пратеник на јужниот сосед за намерата на јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин во врска со самитот, тој размени ставови и постигна задоволителен договор, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА, не прецизирајќи за каков договор станува збор.

КЦНА наведува дека Ким дал важни инструкции на надлежната служба за „брзо да преземе практични чекори за таа цел“.

- Исто така, Ким Џонг-ун размени основни ставови за прашањата поврзани со ублажување на жестоките воени тензии на Корејскиот Полуостров и активирање повеќестран дијалог, контакти, соработка и размена, се наведува во извештајот на севернокорејската новинска агенција.