Македонија
15. July 2018 - 8:40

„Пивофест“ влегува во завршница

Големата летна манифестација „Пивофест“ во Прилеп влегува во завршницата. Денеска е последниот фестивалски ден кој, според организаторите ќе донесе и најголем број посетители, особено за концертот на балканската фолк ѕвезда Шабан Шаулиќ.

Илјадниците гости од цела Македонија и од Балканот синоќа уживаа во фестивалската атмосфера, пеејќи заедно со изведувачите на  големата фестивалска бина на која настапија: „Некст тајм“, „Фортисимо бенд“, Џенан Лончаревиќ и Жељко Јоксимовиќ.

На фестивалската атмосфера не и одолеаја ниту политичарите. Премиерот Зоран Заев со дел министри ги понесе расположението и уживаа во Фестивалот.

Прилепските скараџии и оние кои на штандовите го точеа препознатливиот пенлив пијалак велат дека ова е голема традиција која треба да продолжи, а гостите доаѓаат од сите страни.

Според Дарко Манасиески,  дел од тимот на „Инфинити“, што заедно со општината го организира Фестивалот вели дека нема никакви проблеми овие три фестивалски дена.

- Фестивалот изминува без инциденти, безбедно за бројните посетители. Најважно е што сите се задоволни, насмеани, весели, понесени од фестивалската атмосфера, а ги има од Македонија, од дијаспората, од соседните земји. Се надеваме во такво расположение и безбедно ќе заврши фестивалот. Догодина ќе се обидеме да внесеме и повеќе, пред се, културни содржини да го збогатиме Фестивалот, вели Манасиески.

На последната фестивалска вечер ќе настапат: Александра Јанева, „Либеро бенд“, Милица Тодоровиќ и Шабан Шаулиќ со што ќе заврши 16 „Пивофест“ во Прилеп.