Ракомет
25. July 2019 - 8:48

Писонеро: Знам што не очекува, ќе биде тешко бидејќи сега поинаку ќе глeдаат на Вардар

Европскиот ракометен шампион Вардар ги започна подготовките за новата сезона во која црвен-црните со видно изменет состав и нов предводник ќе имаат тешка задача во одбраната на европската круна.
 
Наследникот на Парондо, неговиот сонародник Давид Писонеро е свесен за очекувањата кои ги има македонската јавност, Вардар повторно да биде дел од елитната четворка на фајнал-форот во Лигата на шампионите, каде ќе се обиде да ја освои и третата титула. 
 
„Знаев малку информации за тимот. Прашував по пријателите, и ми кажаа дека секогаш е посебно да се игра тука. Знам што се очекува од мене, ќе биде тешко повторно да се освои титулата во Европа, проблем е тоа затоа што сега повеќе ќе не респектираат противниците, поинаку ќе гледаат на Вардар. Сега тимот е сосема поинаков. Ова е шанса за мене, добар предизвик за мене, и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата. Лани го гледав тимот на телевизија во финалето, сега сум дел од него“, изјави новиот предводник на вардарци Писонеро.
 
Како и години наназат и овојпат има повеќемина нови ракометари, а меѓунив е и веќе познатото име за македонската ракометна јавност Павел Атман кој пред четири години беше дел од Металург (2013-2015).
 
„Ќе играм за најдобрата екипа на светот, европски првак и со нетрпение чекам заиграм за Вардар. Како и лани, така и годинава екипата претрпува многу промени и иако многумина ја „отпишуваа“, на крајот се најдоа на европскиот трон. Така е и за сезонава, мислам дека ќе може да се носиме со секој“, изјави Атман.
 
Првиот дел од подготовките ќе го прескокне капитенот Стојанче Стоилов кој се рехабилитира од операцијата на коленото
 
„ Треба пак да целиме да стигнеме на Ф4-турнирот. Имаме нови играчи, делуваат позитивно, се е како што треба, се надеваме дека пак ќе имаме успех. Одиме полека, без брзање и летање со мислите. За нас предизвик ќе биде ЛШ, каде имаме група, која, после таа лани, изгледа лесна“, изјави Стоилов.
 
Натпреварувачката сезона Вардар ќе ја започне на во „Супер Глоуб“ турнирот, а веќе на 11 септември и првиот меч во Лигата на шампионите.