Македонија
18. јуни 2016 - 16:07

Пишев: Сомнеж дека Заев плаќал на блиска фирма за услуга превоз на ученици што не е извршена

Зоран Заев склучил договор за превоз со фирма за услуга која не се извршува и граѓаните не ја добиваат,а пари од буџетот се обезбедени. Ова на прес конференција го објави  пратеникот Васил Пишев според кого станува збор за скандал кој отвара сомнеж за тежок криминал, корупција и финансиско богатење на Зоран Заев и неговите блиски луѓе.  Пишев  информираше дека  во 2014 и 2015 година општина Струмица склучила договор за јавна набавка за превоз на ученици, односно деца со посебни потреби од основото училиште Сандо Масев и вработените во општинската администрација, но услугата не ја добивале ниту учениците ниту вработените, а парите биле обезбедени.

,,Тој договор е склучен со фирмата Тритерол која е единствен понудивач на тендерот во износ од 1. 864 800 денари. Парите се обезбедени, а јавна тајна е дека децата и вработените не ја добиваат услугата, односно нема превоз. Овие пари обезбедени од граѓаните се преточуваат на приватен субјект без за тоа да се заврши работата и превозот.,, рече Васил Пишев – пратеник во собранието на РМ.

Пишев  потенцираше  дека градоначалникот на Битола, Владимир Талески е жртва на политички, а не на правен прогон, за превоз на ученици кој постоел и услуга која според него ,била законски извршена. Го повика СЈО и другите институции да ги проверат сомнежите кои ги презентира, додавајќи дека во цела Македонија превозот на учениците е бесплатен, освен, во Струмица,

,, Јавно го повикуваме СЈО наместо да се занимава со законското работење на Талевски да дојде во Струмица и да го прегледа сомнението за тежок криминал кој го прави општина Струмица. Ова е доволна причина и сите други надлежни институции да дојдат и да го испитаат целиот случај“- рече Пишев.

На прес конференцијата на пратеникот Пишев  реагираа од општина Струмица.Од таму ги отфрлија неговите тврдења потенцирајќи дека се работи за нарачана и фабрикувана прес конференција полна со лаги, конструкции и инсинуации.

Во писмената реакција на општина Струмица стои дека на распишаниот тендер за превоз на деца со посебни потреби во училиштето Сандо Масев  фирмата Тритерол  воопшто не аплицирала, што според нив се подразбирало и дека истата неможе да испорача услуга.  Изнесените информации од страна на Пишев ги демантираа и од компанијата Тритерол и побараа извинување од негова страна.