Македонија
17. November 2018 - 16:05

Петти ден МВР и обвинителството не кажуваат како Груевски излегол од Македонија

Молк во Владата и обвинителството на 5 дена по информацијата дека Груевски заминал во Унгарија. Ниту Министерството за внатрешни работи, ниту пак обвинителството не одговори на прашањата на Сител, до каде е истрагата за бегството на Груевски и дали во неа се вмешани луѓе од самиот државен врв.

И додека полициите од соседството и регионот во детали објавуваат кога и каде Груевски минал низ нивна територија, македонската се уште не знае, кога, каде и како Груевски ја напуштил Македонија, дали некој му помогнал и како се случи човек кој полицијата го следела 4 недели за исчезне без трага.

Чекајќи ги институциите  да ги најдат одговорите, опозицијата обвинува дека за да се дефокусира јавноста од како што велат, неспособноста на владата, во притвор се држат екс министерот Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Пред крајот на рокот во кој судот треба да одлучи по нивните жалби за притворот, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат, Заев е и Суд и Обвинителство во Македонија

„ Судот мора да се ослободи од притисокот и да ги констатира пропустите направени при изрекувањето на мерката притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Нема ниту една причина, нема доказ или релевантна информација дека тие имале намера да не ги почитуваат мерките на претпазливост кои веќе им се изречени.

 Доколку судот ги отфрли жалбите без никаков аргумент, тоа ќе биде потврда дека правната држава тука повеќе не постои.

Почитувани, Зоран Заев е подготвен да ја жртвува сета држава, сите полициски и гранични службеници, само и само да се спаси себе си од одговорност. Притоа, жртвува и притвора луѓе како Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, или кој и да е на ред за дефокус на јавноста

„Времето кога се нарачуваше кој да оди во притвор заврши, вратија од СДСМ во писмено соопштение

Денешното барање на судот да донесе одлука по налог на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека во оваа партија ништо не се променило, тоа е истата матрица на криминалецот Никола Груевски.

Времето кога од партија се наредуваше кој да се притвора, а кој да излезе од притвор заврши со заминвање на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

Времето кога илјадници граѓани нелегално се прислушуваа и кога судиите од тефтерчето судеа по нарачка на Никола Груевски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ, заврши со нивното заминување во опозиција.“ – велат од СДСМ во писмено соопштение.

Со став се јави и СЈО. Велат тие барале притвор за обвинетите  во Титаник уште во јули минатата година

„ На предлог на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, имајќи ги предвид сознанијата дека обвинетите планираат бегство како околности кои укажуваат на основана опасност за нивно бегство, констатира дека целите на мерките за обезбедување на присуство на двајцата обвинети во текот на оваа постапка не можат да се постигнат со дотогашните определени мерки на претпазливост, од кои причини донесе одлуки за изрекување на мерка притвор за двете лица, како неопходна мерка за непречено водење на кривичната постапка и обезбедување нивно присуство – стои во соопштението на СЈО