Македонија
3. September 2021 - 12:38

Петровска: СДСМ и институциите кои ги предводи се силно посветени на бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и институциите кои ги предводи се силно посветени на бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата.

Ова е борба која бара постојано стратешко зајакнување и унапредување на капацитетите на националните институции во следењето на текот на финансиите, откривањето на евентуално прикривање и трансфер на нелегално стекнатиот имот во светските даночни оази или на трети лица.

Досегашната примена на постојните законски прописи покажа одредени слабости, како и оневозможување на институциите целосно да ја спроведат конфискацијата на имотот.

Токму затоа, во насока на отстранување на овие недоследности во фаза на подготовка е Законот за потекло за имот, кој предвидува проверка на сомнително стекнат имот и отвора можност за негова конфискација.

Законот се изготвува од домашни и странски експерти, и влегува во фаза на јавни дебати со сите засегнати страни, како и политичките чинители во општеството.

Законот ќе важи за сите граѓани без разлика дали остварувале јавни должности и функции, ќе важи и за сите претходни, но и актуелни политичари, а истотака истрага ќе се врши и доколку имотот е префрлен на трети лица.

Со ова законско решение, за прв пат се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.

Ова е сериозен чекор што се прави за првпат по 30 години со кој се отстрануваат воочените системски слабости и се создаваат услови конфискацијата на имот и противправно стекната имотна корист да бидат императив за правдата да се истера до крај.

Покажавме дека нема исклучоци, нема заштита за никого, нема недопирливи, а криминалот е неисплатлив.

Со заложбите и посветената работа на СДСМ, времето на неказнивост, избегнување на правдата, изигрување на законите, сега е минато.

Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ