Македонија
6. September 2020 - 21:24

Петровска: Казнивоста е на лошо ниво, се остава впечаток дека политиката ги амнестира сторителите

Признавањето вина не смее да биде амнестија за стореното крвично дело, сметаат експертите. Од Коалицијата “Сите за правично судење“ забележуваат дека и покрај зголемениот број сообраќајни несреќи со смртни последици, казнивоста е на лошо ниво. Пресудите со условна казна или далеку пониска затворска казна од предвидената, остава впечаток на неказнивост на сторителите на кривичните дела, сметаат во коалицијата.

„Се разбира дека во овие кривични дела не би можело ни да станува збор за негирање на сторување на таков вид на кривично дело ако нели на лице место се затечени сторителите така што искрено сметам дека признанието на вина не би треало да влијае во толкава мера во ублажувањето односно намалување на казната која што е предвидена односно која што се изрекува конкретно во овој вид на кривични дела. Застапеноста токму на голем број на овие кривични дела би требало да води во насока на заострување на политиката на казнивост , обратно од она што го имавме ние денес – политика на не неказнивост , меѓутоа на благи казни  и на практично амнестирање на вакви сторители на кривични дела“, вели Натали Петровска од Коалицијата Сите за правично судење.

Според Петровска, во изминатиот период, коалицијата која е задолжена да ги следи судските процеси, забележала ублажување на казнената политика применувана од судовите. Вели дека строгите казни за сообраќајки со човечки жртви сега се заменети со алтернативни мерки.

„Конкретно за овие кривични дела и е настаната еден вид на нова пракса , пред неколку години во случаи кога беше во прашање ова кривично дело со смртни последици во најголем процент, доминантен дел од санкциите односно казните кои беа изрекувани беа изрекувани ефективни казни затвор за сторителите . Наспроти тоа, последниве неколку години имаме изрекување на алтернативни мерки што значи дека наместо да се заострува казнената политика, со оглед на застапеноста на кривичните дела , имаме напротив ублажување на казнената политика“, вели Петровска.

Бура рекации во јавноста предизвика условната затворска казна за возачот на џипот кој пред две години усмрти моторџија, а во несреќата неговата бремена сопруга го загуби плодот. Според кривичниот законик за вакви дела се предвидени затворски казни од шест месеци до 10 години.

Негодувања за ниска затворска казна, јавноста имаше и за убиството во населбата Аеродром кога 18 годишник избоде со нож свој врсник а судот го осуди на три годишна затворска казна.

Ваквите појави во правосудството, според коалицијата Сите за правично судење може да ги промени најавениот ветинг.