Македонија
20. April 2017 - 14:47

Петнаесетто продолжение на конститутивната седница на Собранието

Собранието на Република Македонија денеска го одржува 15. продолжение на конститутивната седница на која на дневен ред се формирање на Комисија за прашања на изборите и именувањата и како последна точка на седницата е избор на претседател на Парламентот. 

На вчерашната дебата на Лилјана Затуровска денеска и реплицираа нејзините колеги од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Илија Димовски потенцира дека мора да се дебатираат темите врз основа на кои се воспоставува договорот постигнат меѓу парламентарните партии што сакаат да формираат мнозинство.

- Нудиме многу аргументи и позиции кои што се плод на мнозинството граѓани на РМ, но, за жал, од другата страна, барем во последните денови, добиваме само молчење. Такво молчење Македонија виде кога се менуваше името на Македонија, кога се менуваше знамето на државата, кога се менуваше Уставот во насока државата да не се грижи за малцинствата надвор од неа, кога во една ноќ се избраа околу 700 судии, кога се носеше законот за приватизација..., рече Димовски. Според него, најбитно е Собранието пред да прејде на каква следна постапка да даде одговор што е договорено и сите тие документи да бидат јавно презентирани пред граѓаните на Република Македонија.

До претседавачот со седницата Трајко Вељаноски за начинот на водење на седницата повторно реагираа пратениците од СДСМ. 

Вељаноски рече дека тој мора да работи во согласност со Деловникот за работа на Собранието, но ги повика пратениците да се откажат од репликите и контрарепликите за побргу да се изгласа Комисијата.

Пратеничката Затуроска од говорницата рече дека пратениците од албанските партии ја дале поддршката за формирање мнозинство, повикувајќи се на колегите од ДУИ, поради тоа што лидерот на СДСМ Зоран Заев ветил дека ќе ги прогласи Албанците за државотворна нација, дека ќе воведе целосна двојазичност и оти ќе го воведе јазикот на цела територија и дека ќе изгласа резолуција за геноцид над албанското население...

На ова нејзино излагање се надоврза Крсто Јовановски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ, кој зборуваше дека изјавите на Зијадин Села, поранешен градоначалник на Струга, од каде доаѓа Затуроска, задираат во соживотот во овој град каде живеат припадници на повеќе заедници. Јовановски рече дека за овие изјави на Села дебатираат само пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но оти пратениците од СДСМ кои ги добија трите потписи од неговата Алијанса за Албанците мудро молчат, па дури и кога ги навредуваат. 

- Наместо да излезат јавно да се оградат од ова тие молчат. А, тоа значи дека се согласуваат со се она што Села го кажа. Молчат, но имаат константни средби со амбасадори, но пред да разговараат со нив треба на оваа говорница да разговараат за овие проблеми бидејќи се избрани од народот, а не од тие амбасадори, рече Јовановски.

Сурија Рушиди од Алијансата на Албанците во контрареплика рече дека се остава впечаток дека изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на неговиот колега Села македонските пратеници ги читаат наопаку. Заедничката декларација на Албанците, според пратеникот Рушиди е придонес за натамошна стабилизација на државата.

- Нема ниту еден убедлив аргумент со што се загрозува македонскиот јазик со оваа декларација, има и други вредности како културата, идентитетот, верата и друго. Не гледам кој стратешки интерес на Македонците е загрозен, рече тој.

Љупчо Димовски од Социјалистичката партија во својот говор истакна дека желбата за власт на СДСМ довела до тоа граѓаните постизборно да бидат излажани и измамени. 

ВМРО-ДПМНЕ и денеска побараа од пратениците од СДСМ да се откажат од т.н. тиранска платформа, го повторија ставот за брзи избори и им дадоа поддршка на граѓаните кои денеска по 53. пат ќе протестираат. 

Седницата ќе продолжи по редовната пауза од еден час. 

Согласно договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шест претставници од ВМРО-ДПМНЕ и пет од СДСМ, а ДУИ и БЕСА да имаат по еден член.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.