Македонија
17. October 2019 - 16:41

Петнаесет отсто од жените во земјата немаат пристап до производи за менструалната хигиена

Петнаесет отсто од жените во земјата немаат пристап до хигиенски производи за управување со менструалната хигиена. Тоа значи дека немаат пари, односно не можат да си дозволат да купат влошки и користат хартија, весници или текстил.

Гладта не е единствен вид на сиромаштија и во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на борба против сиромаштијата денеска во Веро Центар во Скопје до 18 часот ќе биде поставен пункт за донации на хигиенски влошки кои потоа ќе бидат поделени на девојчиња од социјално ризичните групи.

Амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј, која го поддржа проектот, посочи дека во 21 век девојчињата не треба да отсуствуваат од училиште, бидејќи немаат пристап до основни хигиенски средства.

– Затоа го поддржуваме овој проект и се надеваме дека во иднина сите девојчиња ќе одат достоинствено во училиште, изјави Галовеј.

Според Наташа Дуковска, од Новинари за човекови права, проектот има за цел во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на борба против сиромаштијата. да укаже дека гладот не е единствен вид на сиромаштија.

– Истражувањето на Новинари за човекови права покажа дека петнаесет отсто од вкупниот број на жени во репродуктивен период во Македонија немаат пристап до средства за управување со менструалната хигиена. Тоа значи дека немаат пари, односно им е високата цената на производите и не можат да ги купат. Затоа користат хартија, весници или текстил, истакна Дуковска.

Таа посочи дека во рамки на проектот ќе бидат реконструирани и две училишта за управување со менструалната хигиена.

– Ќе реконструираме две училишта, едно во Тетово и едно во Ресен. Ќе ги адаптираме за управување со менструалната хигиена. Тоа значи дека тоалетните кабини внатре ќе имаат пристап до вода и санитарии, што е основен услов за управување со менструалната хигиена. Но, тоа е по еден тоалет во двете училишта. За се останато е потребна институционална поддршка, изјави Дуковска.

Акцијата е организирана од страна на тимот на Новинари за човекови права и претставници од британската Амбасада, кои се поддржувачи на проектот „Да ја искорениме менструалната сиромаштија!“