Балкан
12. March 2018 - 10:50

Петнаесет години од атентатот на Ѓинѓиќ

- На денешен ден се навршуваат 15 години од атентатот на премиерот на Србија и лидер на Демократската партија Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен пред зградата на српската влада во Белград. 

За организирање на убиство на српскиот премиер,  на 40 години затвор беше осуден поранешниот командант на „Црвените баретки“ Милорад Улемак, а исти толку доби и Звездан Јовановиќ, непосреден извршител на убиството и поранешен заменик на Улемак. 

Политичката позадина на атентатот Ѓинѓиќ се уште не е откриена. 

Инаку, Ѓинѓиќ беше првиот премиер на Србија по падот на режимот на Слободан Милошевиќ во 2000 година и доаѓањето на власта на Демокарстката опозиција на Србија. Владата на чие чело беше тој, беше избрана на 25 јануари 2001 година.

За време на неговиот мандат покренат е процесот за демократизација на земјата и коренити економски и социјални реформи

Зоран Ѓинѓиќ е роден на 1 август 1952 година во Босански Шамац. Студирал на Физлозофскиот факултет во Белград и уште тогаш бил забележан меѓу младите дисиденти. Со уште 12 интелектуалци во 1989 година учествувал во обновување на Демократската партија, со што ја започна својата политичка кариера.

Тој беше погребан на 15 март 2003 година во Алејата на заслужните граѓани на Новата гробишта во Белград. Погребната поворка, што се движеше низ улиците на Белград, имаше повеќе од стотици илјади граѓани. Меѓу нив беа 70 странски државни делегации.

Според американскиот неделник „Тајм", Ѓинѓиќ беше еден од 14-те водечки европски политичари во третиот милениум.