Македонија
27. January 2023 - 16:34

Петмина осомничени за уцена врз малолетничка, ја завеле на социјалните мрежи па со години сексуално ја злоставувале

16-годишно девојче цела година била жртва на сексуални предатори од Велес и Тетово. 25-годишник и се заканувал дека ќе објави порнографски материјали и со тоа ја принудувал да дава сексуални услуги.

Приведени се вкупно 5 луѓе, четворица од Велес и еден од Тетово, на возраст од 22 до 32 години. По барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција четворица добија притвор, а еден од нив судскиот процес ќе го чека во куќен притвор.

25-годишникот со иницијали С.Д., со закани ја принудувал да се дрогира и ја опивал.

- Тој им овозможил на Д.С.(32) од Тетово, Д.Н.(25), Т.И.(22) и К.Т.(24), сите од Велес, да користат сексуални услуги од малолетничката, а на Д.С. и да изготви порнографски материјал, вели портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ.

С.Д., жртвата ја запознал преку Инстаграм, а ја довел во заблуда дека ќе почнат љубовна врска. Уште на првиот состанок направил порнографски материјал и оттука почнала голготата на, тогаш, 14-годишната малолетничка на која и се заканувал дека експлицитната содржина ќе ја објави на социјалните мрежи.

-На овој начин, првоосомничениот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други НН машки лица, кои прво конзумирале наркотична дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе, велат од ОЈОГОКК.

Стручен тим од Центарот за социјални работи од Велес разговарале со девојчето и веќе и е пружена стручна психосоцијална поддршка и помош.

- Со цел заштита на правата и интересите на малолетното лице стручните лица присуствуваа при спроведување на истражните постапки и назначен е и старател за распит на малолетното лице во ОЈО. Со цел заштита на малолетното лице , истото е сместено во  Центар за жртви на трговија со луѓе, со  решение за привремен престој. Стручните лица вклучени во случајот продолжуваат со пружање на психосоцијална помош и подршка и следење на состојбата и потребите на малолетното лице согласно законските надлежности, велат од Центарот за социјални работи.

Психолозите предупредуваат дека надлежните сега мора многу да бидат внимателни со жртвата. Велат, потребно е државата да воведе добра системска програма за помош на ваквите жртви, но најважно е на младите да им се објаснат опасностите кои демнат на социјалните мрежи.

-Младите луѓе да бидат добро информирани што се може да ги чека на интернет. Кои се луѓе може да се најдат таму, дека сите тие податоци што ги гледаат, лажно профили, лица, можат да бидат многу далеку од вистината. Со децата е многу лесно да се манипулира затоа што тие не ја препознаваат разликата помеѓу тој виртуелен свет и оваа реалност во која што се живее вистински, вели психолот Мирјана Јовановска.

Во септември лани, Косово буквално се дигна нозе откако 5 лица силуваа 11-годишно девојче во Приштина, а граѓанте бараа државата да воведе ефективни мерки за казнување на родовото насилство.