Македонија
27. December 2022 - 16:51

Петмина од приведените на Табановце завршија во истражен затвор

Шест полицајци добија притвор поради организираното примање мито на граничниот премин Табановце- тројца од нив 30 дена, двајца осум, еден пак куќен притвор. На останатите тројца од групата им се одземени пасошите.

Во истажната постапка на Обвинителството се вклучени 12 полициски службеници, за кои МВР поднесе кривична пријава, но за тројца од нив се уште се прибираат докази и  откако ќе заврши предистрагата ќе се одлучува дали ќе продолжи постапката против нив.

Полицијата при претресот на Табановце во неделата запленила околу 16.000 евра, 200.000 денари, како и франци и српски динари. Дел од парите биле сокриени во кутии од цигари и во метален сад кој им стоел во кујната на граничниот премин, а биле проверувани и дали кријат пари во чорапите и кондурите. Овие пари и подароци ги земале како поткуп за да пропуштаат лица без зелен картон, полномошно за возилото, без пасоши или возачка дозвола.

Оваа пракса на примање мито ја правеле уште од 2020 година, а секој полициски службеник имал различна улога, некои наредувале да се зема мито, другите го земале и на крајот си го делеле процентот.

Првоосомничениот, најпрвин како раководител на смена, а потоа и како командир на ПС ги распоредувал или влијаел да бидат распоредени останатите тројца осомничени на работни места во кабини каде што има поголема фреквенција на патници за влез и излез од државата. Тројцата како полициски службеници кои вршеле пасошка контрола имале задача да бараат и примаат подарок од 5, 10, 20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службено дејствие кое не смееле да го извршат, а од примените парични средства секој месец на првоосомничениот му давале по 150 евра.- соопштија од ОЈО.

На товар им се ставаат три кривични дела, Злосторничко здружување, Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба.

Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка.- соопштија од МВР.

Претресот доаѓа по повеќемесечна предистражна постапка на ГП Табановце под сознанија дека група полициски службеници организирано вршат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи.