Балкан
14. јуни 2022 - 16:30

Петков не дава избори - води преговори со нови пратеници

Бугарија е фокусирана на ново мнозинство наместо нови избори. Премиерот Петков вели дека ако земјата влезе во нова серија избори тоа ќе биде погубно и ќе значи губење на историско време. Трите коалициски партии „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија и Демократска Бугарија во моментов имаат 109 пратеници од потребните 121 за мнозинство. Петков вели дека преговорите за обезбедување нови пратеници и пополнување на 4-те испразнети министерски кабинети е во тек.

Петтемина пратеници кои вчера ја напуштија партијата Има таков народ стануваат независни, а по вчерашната оставка на министерката за надворешни Генчовска, бугарските медиуми пишуваат дека првиот човек на Има таков народ Трифонов бара затворена собраниска седница на која Генчовска ќе ги сподели детлите од преговорите со Македонија.

Турбуленциите на бугарската политичка сцена доаѓаат на само 10 дена пред јунскиот самит на европскиот совет и засилената дипломатска активност за кревање на ветото за Македонија. Следните денови ќе бидат клучни дали Македонија ќе ја искористи неизвесноста во Бугарија или ќе чека нова шанса на некој следен самит на европските лидери.