Македонија
28. April 2017 - 11:07

Петир: Го осудувам насилството, но и политичкото кое резултираше во физичко

Хрватската европратеничка Маријана Петир во изјава за МИА го осуди насилството до кое дојде синоќа во Парламентот, но истакна и дека не поддржува политичко насилство кое резултирало во физичко насилство.

- Многу сум тажна поради синоќешните настани во Македонија. Силно го осудувам насилството до кое дојде во македонскиот Парламент. Насилството никаде и за ништо не смее да биде одговор. Македонскиот народ вреди многу повеќе од тоа и многу повеќе заслужува. Токму како што сум против физичкото насилство, не поддржувам ниту политичко насилство кое резултираше во физичкото насилство, изјави Петир.

Според неа, во демократски земји како што е Македонија влада не може да се избира противуставно, како што тоа синоќа, како што рече, одлучија да направат некои партии. - Суверените држави, каква што е Македонија, за својата унитарна политика мора да одлучуваат сами и не им треба туторство од надвор ниту странски државници и дипломати кои се мешаат во политичките работи на земјите, вели Петир. 

Повика на смирување на состојбата, почитување на демократските процедури и македонскиот Устав, како и на воздржување од надворешни интервенции. 

- Синоќешните случувања се повик до сите македонски политичари и лидери на политички партии пред се да бидат луѓе, да ги стават својата држава и својот народ на прво место, да седнат на преговарачка маса и под итно да постигнат договор како земјата да излезе од кризата во која се наоѓа, истакна европратеничката Маријана Петир.