Спорт плус
20. February 2017 - 9:36

Петар Заборски го освои бронзениот медал за Македонија на ЕП во карате

 
- На Европското првенство во карате за кадети, јуниори и јуниори до 21 година кое викендот се одржа во Софија, Бугарија, македонскиот репрезентативец, член на клубот Макпетрол-Скопје, Петар Заборски во највозрасната младинска категорија (У21), успеа да го освои бронзениот медал.
 
Во првата средба Заборски загуби од повеќекратниот европски и светски првак Габор Хараспуки од Унагрија со резултат 0-3, но бидејќи Унгарецот влезе во финалето, Петар доби шанса да се бори за бронзениот медал и тој во репасажот се покажа во вистинското светло и ги доби сите три борби. Беше подобар од Ардит Рушити (Словенија), Ѓорѓе Салапура (Србија) и Серјожа Сергасјан од (Ерменија).
 
Петар Заборски е нашиот јуниорски европски вицешампион од претпоследното европско првенство во Швајцарија, Цирих (2015). Ова е веќе втор европски медал за овој млад и перспективен карате репрезентативец.
 
Европското првенство беше рекордно по број на земји учеснички или вкупно 50 држави, што до сега е најмасовен спортски настан на континентот.